Жито Маркети и Кожувчанка во заедничка хуманитарна мисија

16

zito

Ланецот на супермаркети Жито Маркети и компанијата за флаширана вода Кожувчанка ќе спроведат донаторска кампања за нови апарати на Клиниката за Гинекологија и Акушерство, Скопје.

Кампањата ќе се одвива под името „Со мал дел до голема цел“, во периодот од 15 јуни до 15 август, во сите општини каде Жито Маркети има свој продажен објект.

„Оваа кампања е доказ дека нашата идеја за подобрување на општото добро на граѓаните се проширува. Овој пат заедно со Кожувчанка решивме да придонесеме за Клиника за Гинекологија и Акушерство и заедно со нашите потрошувачи да продолжиме да придонесуваме за подобар и поквалитетен живот за сите граѓани“, истакна Стојанче Тодороски, маркетинг директор на Жито Маркети.

Граѓаните ќе добијат можност да ја искажат својата хуманост со поддршка на кампањата. Нивното директно учество е овозможено со купување на Кожувчанка во кој било Жито Маркети, со што ќе се издвојуваат средства за фондот за донација. Овие средства понатаму ќе се искористат за нови апарати во Клиниката за Гинекологија и Акушерство во Скопје.

„Кожувчанка постојано бара начини како да им помогне на најранливите категории од нашето окружување. Токму поради тоа се одлучивме на ваков тип на соработка со Жито Маркети што исто така е општествено одговорна компанија која се грижи и се залага за истите хумани цели како и ние“, изјави Ратко Мицев, маркетинг менаџер на Кожувчанка.

Ваков пример на соработка помеѓу компании е доказ дека нивната грижа за граѓаните е значително важна за подобрување на општеството.

„Ја поздравуваме оваа хуманитарна акција на Жито Маркети и Кожувчанка. Посебно нè радува што компаниите самоиницијативно бараат начини како да ги подобрат условите во јавните установи. Им благодариме што овој пат одбраа тоа да биде нашата клиника“, изјави Примариус Д-р Драган Тантуровски, Клиника за Гинекологија и Акушерство, Скопје.

Ова не е прва донација и кампања од ваков тип и за Жито Маркети и за Кожувчанка. И двете компании општествената одговорност и грижата за заедницата ја имаат како приоритет во своето работење и ќе продолжат да придонесуваат за подобрување на условите во различни општествени сегменти.