Жито Маркети со донација во пресрет на Рамазанските пости

22

donacija

Во пресрет на големиот муслимански празник Рамазан – Mесецот на постот, во соработка со хуманитарната организација Хилал, Жито Маркети додели 200 пакети со прехранбени продукти на граѓаните од најранливите групи на кои што им е потребна помош.

„Жито Маркети повторно ја докажа својата значајна и одговорна улога во нашето општество. Рамазан е исламски празник кој трае во текот на целиот деветти месец од исламскиот календар каде се практикува пост, молитва, солидарност и милосрдие. Оваа акција е знак дека Жито Маркети се дел од таа солидарност. Искрено верувам и се надевам дека повеќе компании ќе го следат примерот на Жито Маркети и ќе придонесат Македонија да биде место каде што грижата едни за други е значајна и неминовна во секој поглед и пригода“, изјави Мустафа Даути, претседател на хуманитарната организација Хилал.

Донаторската акција се спроведе вчера, на првиот ден од Рамазан. Акцијата се реализира во шeст градови низ Македонија, во  Скопје, Тетово, Гостивар, Кичево, Велес и во Куманово, каде што, со помош на организацијата Хилал, се посочени социјално најранливи семејства.

„Нашата компанија е градена врз столбовите на чесноста, разбирањето и искреноста кон потрошувачите. Постојаната грижа преку споделување добрина ни дава можност полесно да ја разбереме секојдневната потреба на граѓаните и да им помогнеме секогаш кога тоа им е потребно. Оваа донаторска акција, пред самиот почеток на најголемиот исламски празник Рамазан е еден од начините да ја покажеме и искажеме нашата постојана поддршка и грижа за семејствата со потреба од помош“, посочи Стојанче Тодороски, маркетинг директор на Жито Маркет.

Според исламската религија, постот за време на Рамазан е задолжителен за сите муслимански верници со цел нивно физичко и душевно прочистување. По триесетдневниот рамазански пост, следува тридневен Рамазански Бајрам (Рамазан Бајрам), кој што се смета за еден од најголемите празници во Исламот.