Живко Мукаетов и Македонија2025 им посакаа добредојде на младите професионалци од дијаспората

43

mukaetov

Г. Живко Мукаетов, генерален директор и претседател на Управниот одбор на Алкалоид АД Скопје и член на Одборот на директори на Македонија2025, денеска во просториите на компанијата ја отвори Програмата за летна пракса за млади професионалци од дијаспората со презентација за меѓународниот успех на Алкалоид како една од најуспешните компании во Република Македонија.

Во програмата, која за првпат оваа година ја организира Македонија2025, ќе земат учество млади професионалци со македонско потекло од САД, Австралија, Германија и Франција кои ќе имаат можност подобро да се запознаат со нашата земја, можностите за водење бизнис и развој на нивната професионална кариера. Местото на стажирање го избраа самите учесници во програмата, во зависност од нивните професионални амбиции и академска подготовка.

Претседавачот на Програмата за летна пракса, г. Живко Мукаетов изјави: „Програмата за летна пракса за млади професионалци од дијаспората е пример како Македонија2025, македонските компании и институции можат на младите да им обезбедат простор и услови за професионален и личен развој. Особено ме радува фактот што овие млади луѓе пројавиле интерес и одвоиле време и ресурси токму преку македонското стопанство да го развиваат нивниот професионален профил. Се надевам дека низ нивното деловно усовршување во земјава, ќе остварат долгорочни контакти и пријателства со Македонија, кои ќе претставуваат солидна база за некоја идна успешна професионална соработка со земјава“.

Програмата за летна пракса на млади професионалци од дијаспората ќе се одржува од 7 до 14 август 2016 година. Истата вклучува стажирање во времетраење од една недела во истакната македонска компанија, посета на знаменитости низ земјава, како и настани од социјален карактер. Програмата е во комплетна организација на Македонија2025 и е наменета за млади професионалци, активни и штотуку дипломирани студенти од дијаспората.