Злато за виното на Тиквеш во Бордо

51

tikvesНа натпреварот Les Citadelles du Vin 2013 што се одржа во Бордо, Франција, вината на винарската визба Тиквеш добија уште една потврда за својот квалитет. Црвеното вино Барово од бербата 2011-та освои уште едно злато, а белите вина Ркацители Special Selection и Бела Вода од бербата 2012-та освоија сребрени медали.

На годинашното 13-то издание на овој реномиран вински натпревар се оценуваа 1.159 различни вина од 29 земји од светот. Вината беа оценувани од 60 експерти-дегустатори кои доделија вкупно 133 златни и 208 сребрени медали, во најголем дел на вината произведени во познатите вински земји како Франција, Шпанија, Италија, Австралија, Чиле …

“Нашето Барово е единственото вино од Македонија и регионот кое е наградено со златен медал на овој реномиран натпревар. Тоа е уште една потврда дека и ние во Македонија знаеме и можеме да произведеме вино со врвен квалитет, достојно да биде „рамо до рамо“ со светската винска елита”, изјави Игор Илиевски, генерален директор на ВВ Тиквеш.

Од почетокот на 2013-та година, на девет значајни вински натпревари, винарницата Тиквеш освои 42 медали и специјални признанија за квалитетот на своите врвни вина, стои во соопштението.