
Европските берзански индекси денес паднаа, а цените на златото и среброто пораснаа поради големата неизвесност на пазарите откако американскиот претседател Доналд Трамп објави дека ќе ја зголеми општата глобална царинска стапка од 10 на 15 проценти.
Новите царини ќе „стапат на сила веднаш“, рече Трамп во објава на неговата социјална мрежа Truth Social и предупреди дека наскоро ќе воведе дополнителни даноци, пренесува CNBC.
Врховниот суд на Соединетите Американски Држави во Вашингтон во петокот поништи широк спектар на глобални царини наметнати од претседателот Доналд Трамп, што претставува негов најзначаен правен пораз откако се врати во Белата куќа.
Високи американски претставници посочија дека постојните трговски договори на Вашингтон со клучните партнери, вклучувајќи ги Кина, Европската Унија, Јапонија и Јужна Кореја, нема да се променат и покрај одлуката на судот.
Денес во 10:00 часот, индексот DAX на Франкфуртската берза падна за 0,47 проценти на 25.132,82 поени, францускиот CAC 40 за 0,15 проценти на 8.502,67 поени, а британскиот FTSE 100 за 0,14 проценти на 10.671,75 поени.
Московската берза денес е затворена бидејќи Русија го слави националниот празник, Денот на бранителот на татковината.
Празникот се слави под ова име од 1993 година, а за време на Советскиот Сојуз беше познат како Ден на Црвената армија и флота.
Вредноста на американскиот берзански индекс Dow Jones падна за 0,47 проценти на 49.625,97 поени, S&P 500 за 0,69 проценти на 6.909,51 поени, а вредноста на индексот Nasdaq за 0,9 проценти на 22.886,07 поени.
Европските фјучерси за гас за март беа продадени денес на отворањето на берзата TTF по цена од 30,6 евра за мегават-час.
Според моменталните податоци, цената на суровата нафта падна на 65.727 долари, а цената на нафтата од типот Брент на 71.005 долари.
Цената на златото се искачи на 5.135,56 долари за тројанска унца, а цената на пченицата падна на 5,7316 долари за бушел (еден бушел е еднаков на 27,216 кг).
Вредноста на еврото во однос на доларот на берзата Форекс е 1,18202 долари, што е за 0,3 проценти повисока отколку на почетокот на тргувањето.











