Зошто Apple ќе продолжи да има добри продажби и покрај здодевната премиера?

82

Можеби има нов број на своето име, но новиот iPhone 13 повеќе личи на еден од S моделите на компанијата отколку на било што друго, напиша Стив Ковач во коментар за CNBC.

Apple ги претставува своите нови модели на паметни телефони во т.н „тик-так циклус“. Во „тик“ годините обично нуди нов дизајн и свежи карактеристики, а во „так“ годините ги одржува работите скоро исти, но со подобрувања во работите како брзината и траењето на батеријата. (Тоа се S моделите).

Но, во вторникот, iPhone 13 беше претставен наместо iPhone 12S, со само мали подобрувања во однос на минатогодишниот модел. Ова објаснува зошто Apple потроши толку многу од својата презентација зборувајќи за карактеристики како што се траењето на батеријата и подобрувањата на камерата. Немаше многу нови работи за фалење.

Оваа недела, ќе видите многу коментари за тоа како iPhone 13 е досаден, слаб или само мало ажурирање од минатогодишниот модел. Има голема вистина во ова. Но, исто така, ја игнорира реалноста каде технологијата на паметните телефони се наоѓа во моментов.

Сите – од Apple до Samsung и Motorola – стигнаа до точка каде што е потребно повеќе од една година да се развие клучна карактеристика за да се направи чекор напред. И тоа е во ред за повеќето од нивните клиенти. Паметните телефони станаа толку добри што луѓето можат да ги чуваат три или повеќе години без да се чувствуваат изоставени. Така, дури и ако новиот модел изгледа како мала надградба во однос на претходната година, таа надградба е многу позначајна за некој што користи модел стар три или четири години.

Се чини дека голем дел од податоците ја поддржуваат оваа теза. Аналитичарите на Wedbush предвидуваа дека Apple се уште е во средината на својот „суперцикл“ на продажба на iPhone, кој започна минатата година со iPhone 12. Моделот вклучуваше нов дизајн и 5G конекција.

„Apple останува среде својот најсилен вкупен циклус на производи во последната деценија“, рече аналитичарот на Ведбуш, Ден Ајвс, во белешка до инвеститорите. Тој додава дека има околу 250 милиони сопственици на iPhone со модели стари повеќе од три години.

Ова е огромен број потенцијални клиенти кои се подготвени да добијат понов уред.

„Лекција: Ако го оценувате новиот iPhone и што значи тој за продажбите, важно е внимателно да ги погледнете последните неколку години, наместо да го споредувате со ланските модели. Ова е токму она што ќе го направат клиентите што всушност ќе ги купат новите паметни телефони“, пишува Ковач.