Зошто ќе поскапат електричните автомобили и „чистата“ енергија?

Електричните автомобили, соларните системи и ветерните електрани би можеле да станат значително поскапи во иднина, според прогнозите на Германскиот институт за економски истражувања (DIW).

Постојат индикации дека суровините како литиум, кобалт, бакар и никел во иднина значително ќе поскапат. Ова ќе има последици за енергетската транзиција, бидејќи тоа се металите потребни за производство на електрични автомобили, соларни системи и ветерни електрани.

„Побарувачката за овие суровини нагло ќе се зголеми во текот на следните децении“, се вели во студијата на DIW. Цените би можеле да достигнат врв околу 2030 година, а потоа да останат на тоа ниво со години.

„Тоа би било пречка за енергетската транзиција“, рече Лукас Бур, научник од Институтот, цитирајќи студија во која експлицитно се наведува дека тоа не е „прогноза“, туку „проверено сценарио“.

Потребни се големи количества бакар за изградба на ветерници и фотоволтаични системи, а големи количини литиум, кобалт и никел се потребни и за батериите на електричните автомобили.

Според Меѓународната агенција за енергетика (ИЕА), годишната потрошувачка на бакар во следните 20 години веројатно ќе се удвои, никелот повеќе од тројно, а кобалтот шест пати.

Литиумот најбаран?

Побарувачката за литиум најверојатно ќе се зголеми. Иако понудата на тој метал до 2040 година би можела да биде повеќе од 20 пати поголема отколку што е денес, тешко дека ќе биде во чекор со побарувачката.

Имајќи предвид дека овие метали се добиваат во рудниците по висока цена, може да поминат 20 години пред да се развијат нови наоѓалишта.

Последиците од сето ова би биле значително повисоки цени. Според сценариото предвидено со тестовите на германскиот институт, бакарот во 2030 година би можел да биде поскап за речиси 70 отсто отколку во 2020 година, а литиумот за речиси 180 отсто.

Германските научници исто така истакнуваат дека непредвидениот технолошки напредок би можел да ги ублажи потенцијалните зголемувања на цените и да ги намали трошоците за енергетска транзиција. Истото важи и доколку алтернативните материјали се покажат како погодни за производство и складирање на обновлива енергија.

Без разлика на технолошките подобрувања, германскиот институт за економски истражувања укажува на важноста на политичките одлуки. „Тие се клучни за енергетската транзиција.

Според Бур, потребна е глобално координирана климатска политика која на производителите им дава поголема сигурност во планирањето.