Зошто кинеската економија забавува?

31

Кина долго време беше лидер на глобалниот раст, но во последно време бележи многу анемични економски резултати, пишува Ројтерс. Имено, во вториот квартал од оваа година нејзиниот БДП порасна за само 0,8 отсто во однос на претходниот квартал, а извозот е послаб отколку за време на пандемијата.

Ваквите резултати се невообичаени за земја чија економија беше една од најбрзо растечките во светот и која со своите стоки го снабдуваше најголемиот дел од глобалниот пазар.

Што се случи со оваа земја?

На забавувањето на растот на кинеската економија влијаеја неколку фактори одеднаш. Несоодветните пандемични политики, односно строгите затворања за време на ширењето на корона вирусот и одложеното нормализирање на животот и работата, доведоа до тоа многу светски економии да се вратат на стандардниот бизнис побрзо од кинескиот.

Истовремено, во светот е забележан раст на инфлацијата, па се намалила побарувачката на стоки, вклучително и кинеската, што влијаело на падот на извозот од Кина. Добар дел од приходите оваа земја остваруваше благодарение на извозот. Затоа таа сега има надеж дека нејзината економија ќе ја поттикне домашната потрошувачка, но таа сепак е слаба.

Дополнителен проблем е што Кинезите најголем дел од парите ги вложиле во недвижнини, а сега нивниот пазар на недвижности е во големи проблеми. Економскиот раст на Кина во голема мера се засноваше на градежништвото. Пазарот на недвижности сочинува речиси една четвртина од економската активност на Кина бидејќи во изминатите децении, поради брзиот раст на населението, оваа активност беше многу ветувачка. Затоа многу инвеститори и бизнисмени инвестираа во изградба на недвижнини, локалните самоуправи добро заработија од продажбата на градежното земјиште, а средната класа парите ги чуваше во станови и куќи.

Сепак, растот на населението драстично забави, а животниот стандард на населението падна бидејќи економијата работеше под нејзиниот капацитет за време на пандемијата. Големите градежни компании западнаа во практично неисплатливи долгови, а одеднаш имаше повеќе недвижен имот од нивните купувачи. Затоа и нивните цени паднаа, што го ослабна и финансиското здравје на оние кои „штедеа во недвижнини“. Сето тоа се настани кои поттикнуваат нови настани и доведуваат до дополнителен пад на економијата, пренесува Bif.rs.

Како Кина планира да го реши овој проблем?

Поради сето горенаведено, централната банка ја намали референтната каматна стапка на депозитите во јуани, надевајќи се дека тоа ќе ја стимулира потрошувачката. Останува да се види дали тоа позитивно ќе се одрази на кинеската економија и дали навистина ќе успее да го постигне најавениот раст од пет проценти следната година.