Производството на сончогледово семе во Украина би можело да падне за 42 отсто на 9,6 милиони тони во 2022 година. Тоа би можело да се случи поради драстично намалената површина за сеидба поради рускиот напад, оценува земјоделската консултантска компанија APK-Inform.
Површините засеани со сончоглед во Украина би можеле да паднат во 2022 година на најниско ниво во последните 13 години, на околу 4,2 до 4,4 милиони хектари, или 35 отсто во споредба со нивото од 2021 година, објави APK-Inform, пренесува Ројтерс.
„Ова намалување е последица на тоа што голем дел од борбите во таа земја се концентрирани во главните региони за одгледување сончоглед“, наведуваат од консултантската куќа.
Украина е најголемиот светски производител на семки од сончоглед и извозник на сончогледово масло.
APK-Inform, исто така, процени дека производството на семе од репка во Украина може да падне за 19 отсто на 2,52 милиони тони, додека производството на соја најверојатно ќе падне за 23 отсто на 2,74 милиони тони.
Украинскиот министер за земјоделство Роман Лешченко оваа недела изјави за Ројтерс дека површините за сеидба пролетни култури оваа година би можеле да бидат повеќе од преполовени во споредба со нивото од 2021 година, на околу 7,0 милиони хектари.
Во Украина веќе започна пролетната сеидба.











