Зошто странските инвеститори ја заобиколуваат Хрватска?

21

Директните странски инвестиции во Хрватска се на најниско ниво во последните 16 години. Според податоците на Хрватската народна банка (ХНБ), во првите шест месеци од годинава изнесувале само 154 милиони евра. Овој износ е скоро ништо во однос на рекордните 4,2 милијарди евра странски инвестиции забележани во 2008 година.Според мислењето на економистите, главна причина за пад на инвестициите се кризата и фактот дека хрватската влада во најголем дел заврши со приватизација на вредниот јавен имот, па на странците нема повеќе што да им се продава.

Од друга страна, многу заинтересирани странски инвеститори ги одбива неефикасното и споро правосудство, неускладените закони и корупцијата. Инвеститорите од самиот старт ги одбива и недореченоста и честата промена на прописите, поради што немаат правна сигурност. А тука се и нерешените имотно – правни односи и огромната документација за која треба многу време да се добие и да се среди.

“Во Хрватска нема вистински услови за странски инвестиции, освен ако владата не продолжи да го продава државниот имот како Кроација осигурување и Хрватска поштенска банка”, вели економистот Љубо Јурчиќ. “Ако странците купуваат постоечки претпријатија, тогаш не станува збор за инвестиции, туку за преземања”.

Според ХНБ, две третини од 25,9 милијарди евра странски инвестиции во последните 20 години завршиле во банките, телекомуникации, трговија и посредување со недвижнини. Дел завршил во преземање на ИНА и Плива, компании изградени во поранешната држава.

Економистите веруваат дека странските инвестиции во нови погони ќе се зголемат кога Хрватска ќе влезе во ЕУ, кога ќе ги намали административните пречки, трошоците на производство и цената на трудот, за домашните производи да бидат поконкурентни.