Зошто во Македонија нема повеќе приватни инвестициски фондови?

318

Вие управувате со единствениот PE фонд во Македонија. Годинини наназад не сте забележиле присуство на друг. Од друга страна во светот растат вложувањата на (PE) фондовите. Во што е причината?

Дали бизнис опкружувањето во Македонија е соодветно за PE и VC инвестиции?  

Точно е дека постои отсуство на PE (вклучувајќи и VC) фондови во Македонија. Клучот лежи во (не)атрактивноста на Македонија како “пазар” за овие фондови. Основниот проблем е големината на пазарот. Бидејќи Македонија е мала земја, со недоволно развиена економија, мала е и апсорпционата моќ за инвестиции од овој тип фондови. Со други зборови, постои недоволно голем број на потенцијални проекти во кои фондовите од овој тип би инвестирале, а и тие проекти кои постојат, не се доволно големи за да бидат интересни за PE (и VC) фондовите. Во принцип, фондовите од овој тип бараат инвестициски проекти кои ќе бидат доволно големи и со доволно голем потенцијал за раст за да може да се оправдаат инвестициските трошоци. Затоа инвеститорите во овој тип фондови го напуштија концептот за инвестирање во т.н. country фондови (фондови кои се наменети само за една земја) и преминаа во инвестирање во поголеми, регионални фондови. Но, тука се појавува друг проблем – поголемите земји во одреден регион, ги “голтаат” инвестициите бидејќи нудат повеќе и поголеми проекти во однос на помалите земји. Односно, поголемите земји се поконкурентни во однос на помалите земји и инвестициите завршуваат кај нив. Постојат регионални фондови кои во својот инвестициски регион ја опфаќаат и Македонија, но во конкуренција со Романија, Бугарија, Србија, Хрватска, нашата земја едноставно не е доволно интересна.

Нормално, покрај ова што е погоре кажано, постојат и други фактори кои влијаат на отсуството на приватни инвестициски фондови во Македонија. Еден од поважните е концептот на содружништво или партнерство со инвеститор во бизнисот. Во голем број случаи, малите и средни претпријатија во Македонија се фамилијарни бизниси, во кои речиси редовно интересите на фамилијата и бизнисот се измешани/испреплетени и тешко одвоиви еден од друг. Поради тоа, не секогаш деловните одлуки кои се носат се во интерес на бизнисот, туку се водени од чувства и емоции кои се поврзани со фамилијата/сопственикот. Присуството на инвеститор како партнер во бизнисот подразбира одвојување на фамилијарните/приватните интереси од деловните интереси и водење на бизнисот како независен ентитет, со цел инвеститорот да добие фер третман. Тоа подразбира транспарентно водење на финансиите, носење рационални одлуки базирани на факти, и посветеност на менаџерскиот тим кон учење и усовршување на менаџерските вештини.  Од друга страна, самиот момент дека дел од сопственоста во компанијата “која самиот ја изградил” ќе му припаѓа на друг (инвеститор), сопствениците тешко го прифаќаат, и покрај фактот што во најголем број случаи, по влегувањето на инвеститорот, компанијата добива поголема вредност, па така првичниот сопственик не губи, туку станува дел од поголема компанија.

Желбата за континуираното учење и усовршување на менаџерските вештини, и воопшто способноста на менаџерскиот тим е исто така важен параметар врз основа на кој се прави проценка дали да се инвестира во одредена компанија или не. На жалост, во малите и средни претпријатија во Македонија, ретко каде постои амбиција за усовршување и надградување на менаџерскиот капацитет. Сопствениците, кои во најчест случај се и менаџери на формите, кои постигнале некој првичен успех со своите компании, не сакаат да се усовршуваат мислејќи дека го нашле клучот за успехот во бизнисот. Но, успехот постигнат на тој начин има краток период на траење, бидејќи по извесно време пазарот (а понекогаш и самата фирма) ги надраснува овие менаџери, и бизнисите водени од овој тип мери стагнираат (и/или пропаѓаат). Менаџерските способности се уште поважни доколку треба некоја компанија да се прошири и регионално, бидејќи компаниите со можност за регионален раст се многу поинтересни за инвеститорите.

Отсуството на инвеститори се должи и на ограничените можности за т.н. излез од инвестициите. Имено, не е тајна дека инвестициските фондови остануваат партнери во фирмите во кои вложиле одреден период (3-7) години, и потоа гледаат да “излезат” од инвестицијата преку продажба на нивниот удел во фирмата (или на целата фирма). Типични начини на излез се продажба на уделот: (1) на трета страна (друга фирма или друг инвестициски фонд), (2) на самата фирма (и/или останатите партнери во фирмата), или (3) преку јавна понуда на акции на берза (IPO). Во Македонија не се случуваат голем број на т.н. M&А трансакции во кои одредени фирми се спојуваат или пак една фирма купува дел (или цела) од друга фирма. Исто така, не е голем бројот ниту на регионални (или интернационални) фирми кои влегуваат на македонскиот пазар преку купување на некоја локална компанија. Македонската берза е релативно мала, и можностите за реализација на успешна јавна понуда на акции на берза (IPO) се исто така мали. Отсуствуваат инвестициони банки кои би поддржале IPO, а нема ни многу инвеститори кои би купувале акции во “млади” компании. Поради тоа, најчест начин на излез од инвестициите во Македонија е преку продажба на уделот на инвестицискиот фонд на самата фирма (и/или на останатите партнери во фирмата). Тоа од друга страна обично носи помал поврат на инвестицијата и не е преферирана опција од страна на инвестициските фондови.

Правната несигурност е уште еден фактор кој влијае многу на отсуството на приватните инвестициски фондови. Имено, во Македонија дел од правната регулатива не е соодветна за нормално функционирање на овој тип фондови. Бавното, неефикасно и недоследно судство само дополнително ги одвраќа инвестициските фондови од Македонија. Поради тоа, речиси и да нема ваков тип фондови регистрирани во Македонија, а дел од инвеститорите кои вложуваат во фирми во Македонија, инсистираат тие да се пререгистрираат во други земји каде постои поголема правна сигурност.

Oтсуството на поголем број на бизнис ангели и бизнис акцелератори, кои би им овозможиле на “младите” компании да го достигнат нивото на развој соодветно за инвестиција од VC или PE фонд е уште една негативна карактеристика на нашиот деловен екосистем.

Би споменал и дека ФИТР во почетокот се “вмеша” во сегментот на VC фондовите, давајќи високи грантови и до EUR 350.000. Нормално, компаниите се свртеа кон бесплатното финансирање и просторот за работа на приватни инвестициски фондови се стесни. Големите суми на т.н. бесплатните пари ги носат компаниите во комфорна зона и не постои некоја одговорност кон добиените средства. Така се додека траат средствата компаниите живеат комотно но, проблемот настанува потоа, кога треба да се соочат со притисокот од пазарот и со потребата со сопствени сили да обезбедат доволно приходи за да опстои компанијата.

Мислам дека и ФИТР го сфати тоа, па направи промена во стратегијата, па сега фокусот го сврте кон обезбедување помали грантови (на ниво на pre-ceed или ceed финансирање) за компаниите, а последователното финансирање го остави на акцелераторите и на VC фондовите. Мислам дека е тоа правилен пристап, бидејќи навистина постои реална потреба од финансирање во најнискиот сегмент (т.н. почетно или pre-ceed и ceed финансирање) за кое кај инвеститорите не постои преголем интерес. Од друга страна, намерата ФИТР да се јави како катализатор за развојот на VC индустријата се гледа во желбата и намерата да се поддржи основањето на еден таков нов, хибриден VC фонд (кое неодамна беше најавено од ФИТР).

Важноста на достапноста на VC и PE за развој на претприемништвото?

Според методологија развиена од ОЕЦД перформансите на претприемништвото во рамки на една национална економија се анализираат преку шест критични фактори: 1. Регулаторна рамка, 2. Услови на пазарот, 3. Пристап до финансии 4. Создавање и ширење на знаењето, 5. Претприемачки способности и 6. Претприемачка култура. Под пристап до финансии се подразбираат главно два моменти  – достапност на „евтини, субвенционирани“ кредити наменети за стартап-и и присутво на приватни инвестициски фондови – Venture Capital (VC) и Private Equity (PE). Затоа од голема важност за секоја влада која сака да создаде плодна клима за развој на претприемништво и економски раст е да создаде стимулирачка правна рамка за поттикнување на вложувања во вакви фондови. Нормално е државата да се јави како поддржувач во развојот на фондовите за ризичен капитал, за да може тој сектор да заживее. Развојот на VC секторот во некои од најразвиените пазари во светот е асоциран со поддршка од државата: силиконската долина во САД, Израел, Франција, … Во нашиот регион, Хрватска и Словенија веќе имаат програми кои го стимулираат развојот на VC и PE фондовите, кои пак овозможуваат побрз развој на претприемништвото во тие држави.

Од друга страна, во 95% од случаите каде постои потреба од дополнително финансирање во “млади” бизниси, истите нема да бидат поддржани од банките поради преголемиот ризик. Во тој случај клучно е да постојат алтернативни извори на финансирање, а тоа се приватните инвестициски фондови за разичен капитал, без кои тие млади бизниси не можат да заживеат. Доказ за важноста на овој тип на финансирање се високо развиените пазари со голема достапност на VC финансирање, во кои има голем степен на иновативност и развиено претприемништво, пресликано во голем број на нови, млади фирми кои се регистрираат секоја година. Такви се САД, Израел, Велика Британија, Германија, Франција, …

За што најмногу се користи капиталот кој го инвестираат VC и PE фондовите во претпријатијата?

За разлика од банкарското финансирање кое компаниите многу често го користат за обртни средства или пак за набавка на нова машина, фокусот на VC и PE финансирањето е повеќе кон растот на бизнисот кој се остварува преку развој на нови производи/услуги и освојување на нови пазари. Тоа за државата носи нови работни места, извозна експанзија и брз економски раст. Дополнително за самите компании овие процеси значат раст на продажба и пазарен удел, одржлива конкурентност, свежи идеи, лидерство … Нормално, стои и опцијата дека дел од средствата може да се искористат и за набавка на нова машина и/или за сировини, доколку тоа се совпаѓа со стратегијата за брз развој на компанијата. Во одреден број случаи, финансирањето се користи за да се купи друга компанија (со конкурентен или помал, но комплетементарен бизнис) и растот на компанијата да се оствари преку т.н. аквизиција. Понатаму, PE и/или VC инвестиција во некоја компанија овозможува да се ангажира дополнително финансирање од банките, бидејќи VC И PE инвестициите го зголемуваат сопственичкиот капитал во компанијата и ја подобруваат нејзината “крвна слика”, што ја прави и поатрактивна за банките (т.н. leverage). Тоа што е најважно за овој тип на финансирање е дека треба да овозможи брз и експлозивен развој и раст на компанијата, што значи дека треба да бидат исполнети одредени предуслови и да постои потенцијал кај самата компанија (затоа најчесто предмет на инвестиција на VC фондовите се ИТ или технолошки напредни компании каде постои таков потенцијал). Компаниите кои немаат можност за брз развој после VC или PE финансирање, не се потенцијални кандидати за инвестиција и за нив е посоодветно некое “покласично” финансирање.

Какви се шансите и што треба да се направи во Македонија да има повеќе приватни инвестициски фондови? На пример зошто приватни инвеститори или банките, пензиските фондови и осигурителните куќи не инвестираат во вакви фондови во Македонија ?

Македонија не може да “порасне” и наеднаш да стане атрактивна за приватните инвестициски фондови. Но, затоа пак може да стане иницијатор за формирање на регионални инвестициски фондови од кои дел од средствата ќе мора да се инвестираат во Македонија. Регионалниот пристап ќе овозможи поголема атрактивност за фонд менаџерите, но исто така ќе овозможи и пристап до регионални пазари за компаниите во кои ќе се реализираат инвестициите. Воедно, ваквите регионални инвестициски фондови ќе им овозможат и на инвеститорите во фондовите да го диверзифицираат своето портфолио и полесно да се управува со ризикот. Идеално, тие фондови треба да имаат инвеститори кои би биле комбинација од институционални инвеститори (меѓународни финансиски институции) и приватни инвеститори (пензиски фондови, осигурителни компании, и.т.н).

Што се однесува до тоа зошто кај нас банките, пензиските фондови и осигурителните компании не инвестираат, одговорот може да се бара во два правци. Едниот правец е законската регулатива која или ги спречува, или ги демотивира да вложуваат во фондови од овој тип (пр. банките, доколку вложат средства во фонд за ризичен капитал, веројатно ќе треба да извршат веднаш “резервација” на тие средства, и поради несоодветното осигурување, тоа вложување ќе има третман на ризичен пласман, што негативно ќе се одрази на билансите на банките). Вториот правец е тој дека овие финансиски институции се доста конзервативни и претпочитаат помалку ризични инвестиции, па најчесто инвестираат во државни обврзници, и/или во акции во стабилни компании кои што се котирани на берза (т.н. blue chip акции), кај кои не се очекуваат нагли и големи промени (min. volatility) и кои генерираат стабилен принос (но, не и висок принос) кој е сразмерен со ризикот.

Но, во некои земји во регионот, државите веќе почнуваат да ја менуваат регулативата, преку која не само што делуваат мотивирачки за овие институции да ги пласираат средствата во алтернативни (поризични) финансиски инструменти (пр. преку даночни ослободувања), туку во некои случаи ги обврзуваат дел од вложувањата да бидат токму во вакви алтернативни финансиски инструменти. Така на пример, од неодамна во Хрватска, тамошните пензиски фондови се обврзани 10% од капиталот со кој управуваат да го вложат во алтернативни финансиски инструменти. На тој начин се стимулира формирањето на инвестициски фондови за ризичен капитал кои ќе помогнат во финансирањето на компаниите. Сето тоа е дел од стратегијата за развој на претприемништвото, која може да се преслика и во Македонија.

Дејан Калеников, управител на менаџер на СПМГ, друштво кое управува со единствениот активен приватен инвестициски фонд во Македонија – МИФ (Micro Investment Fund) за перспективите за развој на VC и PE во Македонија