65 милиони евра за проекти од програмата Интелигентна енергија на ЕУ

22

Asheville-NC-Eco-Friendly-Green-HomesПреку програмата Интелигентна енергија на Европската Унија, компании и институции од државава имаат можност да добијат финансии за реализирање  проекти. Со тековниот повик на Европската комисија за програмата, годинава се одвоени 65 милиони евра и се очекува да бидат одобрени 60-ина проекти на ниво на цела Европа.

“Приоритети во проектите според потпрограмите се енергетска ефикасност и рационална употреба на ресурси (SAVE), обновливи извори на енергија (AlTENAR), енергија во транспорт (STEER) и заеднички иницијативи од тие области”, информираше на денешната прес-конференција Јадранка Аризановска, претставник на Стопанката комора на Македонија.

Минатата година, кога се инвестирале 120 милиони евра за програмата Интелигентна енергија, само еден проект од одобрените 100-ина бил од Македонија. Повикот на ЕК трае до 8 мај 2013, а комората веќе спроведува информативни денови и обуки за процедурите за аплицирање и за подготовка на проекти. Досега интерес пројавиле над 70 домашни компании.

Право на учество имаат сите компании и институции од Македонија. Правилата кои треба да бидат запазени, налагаат проектна апликација да може да поднесе конзорциум од минимум 3 партнери од 3 различни земји. Според Аризанкоска тоа на некој начин претставува и мал проблем за домашните компании бидејќи тука доаѓаат до израз и нивните контакти со компании од други држави и развивање деловни односи  кои се значајни за да се подготви добра проектна документација.

“Втора пречка на некој начин и нешто на што мора да се навикнат нашите компании е дека апликациите се поднесуваат исклучиво електронски. Но, добро е тоа што ЕК дозволи Агенцијата за конкурентност и иновативност  да ги прима на увид проектните идеи од тие што сакаат да аплицираат, што значи дека секоја таква проектна идеја од наши компании ќе подлежи на евалуација и ќе бидат дадени сугестии каде треба да се подобри, што е големо олеснување за компаниите”, оцени Аризанкоска.

Издвоениот буџет од 65 милиони евра е наменет за проекти за креирање политики и пазарни услови за енергетска ефиканост и обновливи извори на енергија, промоција на енергетска ефиканост и рационална употреба на енергија, зголемување на употребата на алетернативни енергетски извори, поддршка за внесување најнови технологии, размена на искуства. Предвидено е и финансирање проекти за градови и региони за одржлива енергија.

За годинава клучен приоритет на ЕК е делување во градежниот сектор, како најголем потрошувач на енергија. Предност ќе имаат проекти чии приоритети се реновирање постојани згради и објекти за граѓани, индустријата и изградбата на згради со многу мала потрошувачка на енергија, како и тие со постојан развој на професионалци во градежен сектор.