90 години поминаа, но ние штотуку почнуваме!

59
1
Александар Ружевиќ, генерален директор на Пивара Скопје

Во текот на својот 90 годишен развој, СКОПСКО успеа да прерасне во синоним за пиво на овие простори. На пример, во кафуле или ресторан, кога ќе нарачате пиво, вие едноставно мислите на СКОПСКО. Јас тоа постојано го гледам овде во Македонија, а морам да признаам дека и мене тоа ми се случува, иако сум во земјата кратко време. Едноставно, СКОПСКО е бренд кој лесно ви влегува “под кожа” – за најпрепознатливиот бренд на Пивара Скопје вели генералниот директор Александар Ружевиќ. Тој на функцијата генерален директор на Пивара Скопје доаѓа во јуни 2014 година. Претходно работи како комерцијален директор на Coca-Cola Hellenic во Украина, а кариерата ја започнува во 1998 година, во системот на Coca-Cola во Србија. По повод 90 години јубилеј на „Најдоброто од Македонија“, г-дин Ружевиќ зборува за предизвиците, вкусовите, тајната на успехот…

БИ: Вашиот најпрепознатлив бренд – пивото Скопско, како и компанијата Пивара Скопје, слават 90 години постоење. Која е тајната за долготрајноста на овие брендови и покрај големата конкуренција на пазарот?

Ретки се брендовите кои кај секој од нас будат специфични позитивни емоции и чувство на блискост. Истовремено, тие најчесто се синоним за целата категорија производи на која ѝ припаѓаат. СКОПСКО е еден од тие ретки брендови. Во текот на својот 90 годишен развој, СКОПСКО успеа да прерасне во синоним за пиво на овие простори. На пример, во кафуле или ресторан, кога ќе нарачате пиво, вие едноставно мислите на СКОПСКО. Јас тоа постојано го гледам овде во Македонија, а морам да признаам дека и мене тоа ми се случува, иако сум во земјата кратко време. Едноставно, СКОПСКО е бренд кој лесно ви влегува „под кожа“,  брзо го засакувате и наоѓате нешто во него што ви значи многу. За некои тоа е карактеристичната горчина во вкусот, за други пак тоа е богата пена, за трети тоа е бојата, за четврти е шишето, односно визуелниот идентитет, а најчесто тоа е севкупниот квалитет и впечаток што го остава овој бренд врз потрошувачите. Ваквата позиција на СКОПСКО не е случајна. Таа е резултат на континуиран процес на обемни и систематски вложувања во сите сегменти кои учествуваат во градењето и развојот на брендот до степен на своевидна икона. Се работи за навистина обемни инвестиции во луѓе, знаење, вештини, најсовремена технологија на производство, иновации и пред сè тимска работа на многу генерации вработени во Пивара Скопје… и бескрајно многу љубов и желба да се одржи нешто со кое се гордее целата нација. Оттаму, не е случајност и тоа што на грбот на Пивара Скопје, која исто како и СКОПСКО, ја слави својата 90-та годишнина, пишува „Најдоброто од Македонија“. Сите оние што на каков било начин се поврзани со оваа компанија се горди на оваа реченица, затоа што таа го опишува нивниот стремеж да продолжат да создаваат брендови каков што е СКОПСКО – автентично, уникатно, секогаш со беспрекорен, конзистентен квалитет, но и секогаш ново, со дополнителни, различните вкусови. Пивара Скопје како компанија е една од најуспешните деловни приказни во Македонија, со позитивно влијание кое има голем опсег и надвор од рамките на деловниот свет. Пивара Скопје со своите активности има огромно позитивно значење во бројни општествени сегменти и за тоа ние во Пивара Скопје сме особено горди.

3

БИ: Од каде потекнува рецептурата на Скопско?

СКОПСКО е автентичен производ кој се прави по оригинална рецептура уште од 1924-та година. Иако е создадено по урнекот на најдобрите чешки и германски пива, неговата автентичност е неспорна. Таа потекнува од знаењето, вештините и огромното искуство на генерации пивски мајстори кои несебично ја споделуваат совршената комбинација на четирите основни природни состојки од кои се прави СКОПСКО: јачмен, хмељ, пивски слад и вода. Се разбира, секој бренд со таква големина каков што е СКОПСКО има и своја „тајна“ состојка. Таа во случајот со СКОПСКО „извира“ од корпоративните вредности кои постојат откога постои и самиот бренд и Пивара Скопје. Една од нив е вредноста – Извонредност, која е вградена во секој бит на „Пиварците“ и нивните стремежи кон постигнување на совршенство во сето она што го работат. Пресликана во секојдневната работа, оваа вредност значи дека сите ние во Пивара Скопје, секогаш го одбираме и правиме само најдоброто, извонредното, почнувајќи од состојките за производство на нашите брендови, преку најдобрите производствени практики и стандарди, па сѐ до најдобрите дистрибутивни и продажни канали. Пивара Скопје има извонредни луѓе кои со гордост се нарекуваат  „Пиварци“. А што се во суштина компаниите? Она што луѓето ќе го направат од нив. Така и во случајот на Пивара Скопје.

БИ: Каква е позиционираноста на Скопско пиво во регионот? На кои пазари сте присутни?

Извозот е значаен дел од развојната стратегија на целокупната македонска економија, а оттаму и за Пивара Скопје. Уверен сум дека според карактеристиките и вредностите што ги поседува СКОПСКО, има потенцијал да стане силен регионален  бренд, надминувајќи ги се разбира рамките на нашиот пазар. Но она што нам ни е најважно е дека имаме уште голем простор за развој на домашниот пазар. Македонија има една од најниските стапки за конзумација на пиво по глава на жител, денес тоа е околу 26 литри. Затоа многу инвестираме во развојот на пивската култура на домашниот пазар, во иновациите, но секогаш централно значење ставаме на одговорното конзумирање. Сметам дека ние сме лидер во оваа област на пазарот и дека одржлив развој на нашиот бизнис може да се гради само низ призмата на промоција на одговорното конзумирање.

2

БИ: Кои се најголемите предизвици со кои компанијата се соочува во текот на деветдецениското постоење?

Пивара Скопје преку своите брендови и општествено одговорни практики е исклучително блиска со потрошувачите, со заедницата, а историски е суштински поврзана и ја црпи својата енергија и од националните вредности на земјата и нејзините граѓани. Оттаму логично е компанијата, во сите овие изминати децении, да ги споделува истите предизвици, како и оние што ги имала земјата и нејзините граѓани. Во изминатите 90 години, компанијата поминала низ различни развојни фази. Некои од нив се случувале во тешки историски моменти за целата земја и пошироко, но секогаш од нив компанијата, нејзините вработени и нејзините брендови излегувале како победници, како предводници на прогресот. Во дваесетите години од минатиот век, Пивара била предводник на индустријализацијата на земјата, по вторатата светска војна го најавила технолошкиот прогрес на земјата, во 80-ите и 90-ите започнала нов инвестициски циклус и ги поставила современите стандарди за менаџмент и лидерство во сите значајни бизнис сегменти во земјава, а со почетокот на новиот милениум била една од првите домашни компании кои станале дел од најголемите и најмоќни глобални корпорации, со што започна новото поглавје во развојот кое се темели на синергијата на најсовремените светски стандарди во производство на пиво и безалкохолни пијалаци. Токму затоа што Пивара Скопје е толку цврсто поврзана со заедницата, располагајќи со големото знаење и сила која произлегува од нејзините вработени и глобалните системи во кои припаѓа, и имајќи ја довербата и љубовта на потрошувачите, уверен сум дека и во иднина оваа компанија и нејзините брендови ќе бидат предводници во индустријата, но и во општествениот прогрес, успешно совладувајќи ги сите иднини предизвици. Уверен сум дека сме на вистинскиот пат, кој со сите новини што ги планираме на пазарот и со ефикасно работење, ќе ја води Пивара Скопје во нови успеси. Оваа моја доверба произлегува од страста и енергијата на луѓето во Пивара Скопје која секојдневно ја гледам. Со такви луѓе, секој предизвик и секоја препрека може да се совлада.

БИ: Неодамна ја добивте наградата за квалитет и одржлив развој од Coca-Cola HBC. Што претставува тоа за Вас?

nagradaНаградите и признанијата во Пивара Скопје се константа на која сите ние сме навикнати. Се разбира, тоа не го намалува нивното значење. Напротив. Секоја нова награда го поткрева прагот на достигнувања и креира нови очекувања од сите нас да бидеме уште поуспешни. Најновата награда од Coca-Cola HBC има големо значење за нас, бидејќи ги препознава и признава нашите достигнувања и лидерство во многу значајни области, како што се: квалитетот; здравјето и безбедноста; заштита на животната средина и почитувањето на најстрогите стандарди во деловните операции. Признанието е дотолку поголемо и поради фактот што доаѓа од компанијата која веќе е препознаена како еден од глобалните лидери во овие области. Сите ние во Пивара Скопје сме пресреќни што сме во ова друштво на глобални лидери, каде се наоѓаме сосема заслужено. Имено, во делот на квалитетот, нашите носечки брендови Coca-Cola и СКОПСКО континуирано добиваат највисоки светски признанија. Пивара Скопје на два наврати во последните 5 години доби признание за најдобра Coca-Cola на светот, а СКОПСКО традиционално добива медали од најпознатиот институт за селекција на квалитетот – Monde Selection. Во делот на унапредување на животната средина имплементираме значајни проекти, како што е употребата на ладилници кои не користат гасови што ја загадуваат околината, вложувавме во нов ефикасен енергетски систем во производните погони, а изградивме и уникатна постојка за третман на водите со што ја унапредивме биосферата. Континуирано вложуваме во заштитата од повреди и безбедноста во работните процеси и во едукација на оваа тема на учениците во основните училишта, за што ја добивме и највисоката национална награда за 2014-та година. Сето ова, со еден збор не прави особено горди, затоа што ја отсликува нашата определба секогаш да се стремиме кон најдоброто, да им дадеме на потрошувачите дополнителна вредност, но истовремено да придонесеме и за доброто на заедницата на која припаѓаме.

БИ: Пивара Скопје важи за општествено одговорна компанија. Кои се проектите на кои сте особено горди?

skopskoВо Пивара Скопје отсекогаш важело едно непишано правило, дека деловниот успех не може да биде целосен, доколку не се сподели со заедницата. Компанијата има долга историја на еден од најголемите поддржувачи на најдоброто од музиката, спортот и културата во Македонија. Тоа влече корени од нејзината компаниска култура да ги негува традиционалните вредности, но истовремено да ги поддржи и новите, современи трендови на живеење. Раководејќи се од ваквите определби, Пивара Скопје е еден од најверните поддржувачи на македонскиот клупски и репрезентативен ракомет, поддршка која трае веќе 34 години. И ние сме посветени заедно да одиме кон врвот. Исто така, вложуваме во развојот на спортскиот дух и тимската работа кај најмладите преку Coca-Cola купот. Ние годишно придвижуваме 1.500 млади, и имаме многу амбициозни планови во однос на овој проект. Промоцијата на балансиран и активен животен стил е важен за развојот на новите генерации и ние сакаме да бидеме активен дел од тоа. Ние сме исто еден од најверните поддржувачи на Галичката свадба – една од најавтентичните културни манифестации во Македонија и пошироко; поддржувачи на Охридско лето каде на едно место се собира најеминентната светска уметничка елита, како и поддржувачи на огромен број други манифестации, фестивали, концерти, натпревари, спортисти, музички уметници и друго. Горди сме и на резултатите од Програмата за едукација и обука на Пивара Скопје низ која за 17 години поминаа над 3.300 млади перспективни луѓе од земјава, стекнувајќи се со знаења и вештини кои им помогнаа да прераснат во следната претприемничка и менаџерска елита во земјата. Знаете, во земја каде невработеноста претставува значаен предизвик, ние како компанија нудиме дел од решението преку обука на младите и овозможување пристап до најновите трендови во менаџментот, комуникациите, тренинг за финансиска писменост, но и развој на вештини за промоција на сопствените знаења и квалификации, како и вмрежување со одлични ментори.

БИ: Во која насока ќе се движи Пивара Скопје во идниот период? Дали планирате да ја проширувате палетата на брендови или да се проширувате на нови пазари?

jubilejОгромното значење што Пивара Скопје и нејзините брендови го имаат за потрошувачите и заедницата во целина, во голем степен ја одредуваат и насоката во која компанијата ќе се развива во иднина. Огромното наследство создадено во изминатите 90 години е во исто време и огромна одговорност за сите во Пивара Скопје, но и одличен патоказ за сегашните и иднините генерации „Пиварци“ како треба да се размислува и работи. Таа извoнредност што ја имаме како основна наша вредност е нешто што останува трајно во фокус. Ако се анализираат последните неколку потези што ги направи компанијата може лесно да се претпостави по кој пат ќе продолжиме во иднина. Да ве потсетам дека секоја година во измнативе 4-5 години, значително го проширивме производственото портфолио. Ние сакаме да креираме и нови потреби, да овозможиме и нови вкусови. СКОПСКО доби две бренд екстензии – СКОПСКО Radler како летна освежувачка алтернатива и СКОПСКО Темно за студените зимски денови. Исто така, почнавме со производство на Amstel Premium Pilsener, првото интернационално пиво произведно во Македонија од домашни мајстори на пиво. Ние во Пивара Скопје сме исто посветени да овозможиме широк избор за нашите потрошувачи, избор и на опции со 0 калории или ниско калорични. Така ја лансиравме и Coca-Cola Zero и брендот Nestea. Можам да потврдам дека со иновациите и вложувањата во развојот на портфолиото ќе продолжиме и понатаму. Со голема истрајност и посветеност ќе продолжиме да бидеме активен дел и од заедницата на која и припаѓаме. Имаме многу проекти кои со континуитет траат и придонесуваат во бројни сегменти како спортот, музиката, културата, животната средина и развој на квалитетен животен стил. Нашиот ангажман и овде ќе остане на највисоко ниво заради посветеноста на Пивара Скопје да ги сподели своите успеси со заедницата и позитивно да влијае. Во истиот дух продолжуваме и понатаму, знаете, 90 години поминаа, но ние штотуку почнуваме!