Македонија дел од големиот Саем за туризам во Истанбул

Македонската туристичка понуда ќе биде дел од големиот Саем за туризам ЕМИТТ што од задутре до 31 овој месец ќе се одржува во Истанбул, Република Турција, пишува Миа.

Саемот за туризам во Истанбул е една од најголемите манифестации од тој вид во регионот, со најавено учество на 4.550 туристички субјекти од 71 држава од целиот свет, меѓу кои Македонија, Аргентина, Азербејџан, Бахреин, Бугарија, Бразил, Белорусија, Франција, Велика Британија, Германија, Италија, Иран, Хрватска, Индија, Јужноафриканската Република, Грузија, Црна Гора, Кувајт, Куба, Јужна Кореја, Малдивите, Малта, Маурициус, Египет, Монголија, Летонија, Либан, Узбекистан, Русија, Словенија, Сејшелските Острови, Тајланд, Тунис, Виетнам, Јемен, Грција…

Минатата година Саемот за туризам го посетиле повеќе од 130.000 посетители, а тоа е добра можност за презентација на нашата туристичка понуда пред големиот турски пазар, уште повеќе што од година во година е сè поголем интересот кај туристите од Турција за Македонија, барем како дел од оние регионални туристички тури.

Според програмата на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија, Македонија ќе биде претставена и пред посетителите на саемот за туризам Brussels holiday fair, што ќе се одржува во Брисел, Белгија од 4 до 8 февруари, а нашата туристичка понуда ќе биде дел и од Саемот за туризам Holiday and spa што од 11 до 13 февруари ќе се одржува во Софија, Бугарија, како и на Саемот за туризам во Белград што е закажан за терминот од 18 до 21 идниот месец.

Инаку во текот на овој месец Македонија имаше свое претставување на саемот за туризам Vakantiebeurs што се одржа во холандскиот град Утрехт.