Трговски дефицит од 68,7 милиони евра во јануари

35

Трговски дефицит во јануари оваа година достигна 68.777.000 евра, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Трговскиот дефицит во јануари 2016 година изнесува 68.777.000 евра, што претставува намалување за 6,7% во однос на истиот период од минатата година.

Вкупната вредност на стоковната размена на Република Македонија со странство, во јануари 2016 година, изнесува 638.325.000 евра и бележи пад од 2,9% во однос на истиот период од минатата година.

Вкупната вредност на извозот на стоки од Република Македонија, во јануари 2016 година, изнесува 284.774.000 евра и бележи пад од 2,4% во однос на истиот период од минатата година, а вкупната вредност на увeзената стока, во истиот период, изнесува 353.551.000 евра, што е за 3,3% помалку во споредба со истиот период од минатата година.

Покриеноста на увозот со извоз, во јануари 2016, изнесува 80,6%.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, фероникелот, производите од железо и челик (валани производи). Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), електричната енергија и другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав.