На пазарот на недвижности во Македонија најмногу се продаваат станови

70

katastar-580x266

На пазарот на недвижности во Македонија најмногу се продаваат станови, додека интересот за продажба на куќи и деловен простор е значително помал, покажуваат податоците од првиот шестмесечен извештај од Регистарот на цени и закупнини на Агенцијата за катастар на недвижности, пишува Миа.

Извештајот се однесува за периодот од 18 март до 31 август 2015 година кога се истргувани недвижности со површина од 17.593.795 метри квадратни со вкупна цена од 11.789.755.964 денари, додека под закуп се дадени недвижности со површина од 6.888.077 метри квадратни со вкупна месечна закупнина од 54.824.165 денари.

“Во овој период во Регистарот на цени и закупнини се запишани 8.994 трансакции од кои 4.914 се продажби на недвижности, 37 продажби преку лицитација, 727 продажби од инвеститор, 237 откупи од Република Македонија, како и 3.077 закупи на целата територија на државата“, рече директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Славче Трпевски.

Тој прецизира дека 55% од трансакциите со недвижности се однесуваат на продажба, а 34% на закуп на недвижен имот.

“Најголем број на трансакции – 695 се случиле на територијата на општина Центар, во Битола се регистрирани 570, во Карпош 546, во општините Маврово и Ростуше шест, во Вевчани пет и најмалку во Пласница три“, посочи Трпевски и додаде дека  на територијата на Град Скопје се регистрирани вкупно 2.620 трансакции.

На територијата на Македонија, потенцира, се регистрирани вкупно 5.641 продажби од кои 4.914 се продажби на стари недвижности, а 527 се први продажби на недвижности.

“Најголемиот број на недвижности кои се продадени 2.166, односно 41% се станови, од кои 700 се новоградби, 2.068 продажби или 39% се од делот на земјоделско земјиште – ниви, овоштарници, лозја,.., а градежното земјиште учествува само со 8%. Продажбата на куќи не е атрактивна за купувачите и во овој период се продадени само 328, а мала е и продажбата на деловен простор и изнесува само 268 што најверојатно се должи на фактот што поголемиот дел на вакви недвижности се дава под наем. Продадени се и 53 индустриски објекти, рече Трпевски.

Од вкупниот број на продажби 5.641, нагласи, дури 5.277 се однесуваат на гореспомнатите шест типови на недвижности, а останатите 364 се продажби на гаражи, помошни простории, објекти во земјоделството, но ни еден од овие типови не е застапен со повеќе од 1 отсто во вкупниот број на продажби.

“Највисока просечна продажна цена на стан по метар квадратен е постигната во општина Центар 58.861 денар, во Карпош е 55.045, во Аеродром 58.795, во Охрид 44.625, во Битола 37.750, Струмица 32.095, Тетово 31.286, Штип 29.195, Кочани 25.695, а најевтини се во Прилеп и Куманово по околу 24.500 денари“, рече Трпевски.