Статистика: Секој жител во 2015 година создал 380 килограми комунален отпад

36

Годишното количество на создаден комунален отпад по жител во 2015 година изнесува 380 килограми по жител, што е за 2,7 % повеќе од 2014 година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Вкупното количество на собран комунален отпад во Република Македонија во 2015 година изнесува 620.328 тони. Споредено со 2014 година, вкупното количество на собран комунален отпад во 2015 година бележи зголемување од 8,9%.

Најголемо количество на собран комунален отпад е забележано во Скопскиот регион – 151.592 тони или 24,4% од вкупното собрано количество во Република Македонија. Од вкупното количество на собран комунален отпад, 499.658 тони или 81% се собрани од домаќинствата, а останатите 19% од правни и физички лица (комерцијален отпад).

Според видовите на отпад, најголемо количество на собран отпад е измешан комунален отпад, 533.721 тони или 86%, а најмало количество е отпад од гума, 1.395 тони или 0,2% од вкупното количество собран комунален отпад.

Вкупното количество на создаден комунален отпад во Република Македонија во 2015 година изнесува 786.182 тони. Најголемо количество на собран комунален отпад (99,4%) се отстранува на депонија.