Со лансирањето на Dot up media, програмата за поддршка на електронски медиуми, денеска и официјално е отворен Seavus инкубаторот – најголемиот општествено одговорен проект на ИТ гигантот Seavus.
На прес конференцијата, на којашто присуствуваа претставници од меѓународната заедница, невладиниот сектор, медиуми и претставници од бизнис сферата, се одбележа официјалниот почеток на програмите Dot up Technology, Dot up Creative и Dot up Media. Најголем акцент се стави на програмата Dot up Media наменета за поддршка, развој и поттик на независното и истражувачко новинарство, каде беше соопштен пакетот на економски и логистички бенефиции и програмата за поддршка на дигитални медиуми во инкубаторот.
На оваа тема се обрати Бисерка Конеска, генерален директор на Seavus Инкубаторот која говереше за заложбата на Seavus за независно информирање и слобода на изразување како компанија која е заснована на шведските демократски принципи. Амбасадорот на Шведска пак, Матс Стафансон се осврна на значењето на дигиталните медиуми во креирањето на јавното мислење, истакнувајќи ја притоа важноста на истражувачкото новинарство во развојот на едно демократско општество користејќи примери од Шведска.
Преку овој мултифункционален co – working простор наменет за сместување на мали и start up компании, Seavus директно го поттикнува развојот на микростопанството, иновациите и независното новинарство.