Отпадот ја намалува туристичката вредност на атрактивните локации

37

Граѓанските организации Go Green, Ајде Македонија и Грашница, заедно со претставници на туристичкиот и јавниот сектор во Македонија организираат серија акции за чистење на отпад во Скопје, Охрид, Демир Капија, Маврово и Крушево во насока на поддршка на активностите во туризмот во Македонија, но и за јакнење на јавната свест за проблемот со отпадот особено во туристичките дестинации. Првата акција за чистење започнува на 4 мај во Демир Капија со чистење на пешачите патеки од Демир Капија до Чифлик и Демир Капија до село Клисура, а се во организација на Македонија Травел и локалните власти. Во Крушево акциите се одржуваат на 6 и 7 мај со чистење од Крушево до Мечкин Камен и кај Крушевско Езеро во организација на Хели Клуб од Крушево. На 6 мај во организација на Грашница и Go Green во Охрид се организира чистење на патеки на планината Галичица, на 7 мај на четири локации кои ги вклучуваат Горица 2, Заливот на коски, с. Елшани и во градот Охрид, додека на 8 мај акциите завршуваат со финална акција за чистење во Скопје и Маврово.

“Мора да се ангажираме сите за да ја зголемиме свеста кај граѓаните за отпадот, воспоставување инфраструктура за управување со отпад и доследна имплементација на веќе донесените правила и планови за управување со отпад”, вели Антонио Јовановски од Go Green. Оваа организација веќе работи на подолгорочна стратегија за подигнување на јавната свест на ниво на целата држава со која ќе се обидат да влијаат на граѓаните да создаваат помалку отпад и да го фрлаат само на одбележани места.

“Решението на проблемот со дивите депонии е во зголемување на свеста кај луѓето за проблемот. Ги повикувам сите граѓани на Скопје, Демир Капија, Охрид, Крушево и Маврово, но и во целата држава да ни се приклучат на акцијата”, изјави Антонио Јовановски.

Акциите за чистење ќе започнат во 10 часот, а за сите учесници се обезбедени вреќи за собирање отпад и ракавици.

Ѓоко Зороски од еколошкото друштво Грашница вели дека акцијата ја организираат за да помогнат во што подобро претставување на Охрид пред туристите, но и пред делегатите на претстојната АdventureNEXT Balkans конференција.

“Отпадот е проблем кој туристите кои доаѓаат во Охрид го посочуваат како еден од најважните. Сакаме со оваа скромна акција за чистење да придонесеме Охрид во најдобро светло да се претстави пред делегатите на АdventureNEXT Balkans конференцијата за авантуристички туризам, но и да влијаеме граѓаните да разберат дека освен еколошките последици, отпадот има и финансиски импликации на туризмот”, вели Зороски.

“Меѓународните туристи сè повеќе се заинтересирани за состојбата со животната средина на дестинацијата која ја посетуваат. Сѐ повеќе туристи се во потрага по „зелени“ дестинации кои се проактивни кон прашањата на животната средина: управувањето со отпадот, јаглеродните емисии, зачувувањето на биодиверзивитетот и водоснабдувањето. Во Обединетото Кралство 54% од анкетираните ја земаат во предвид екологијата пред да букираат патување, а 82% би платиле повеќе за „зелени“ услуги и продукти”, вели Елена Иванова, менаџер на секторот туризам во швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост која го поддржа овој проект.

Во Македонија во просек еден жител произведува 380 килограми отпад, додека во Охрид поради присуството на голем број на туристи просекот е двојно поголем во текот на туристичката сезона. Најголем процент од овој отпад, 99,4%, се одложува на депонии.

Според Емилија Филдишевска од Македонија Травел, самите дестинациите мора да вложат во управувањето со отпадот, да следат најдобри практики за намалување на отпад продуциран по лице и да рециклираат што е можно повеќе.

“Правилното управување со течен и цврст отпад од домаќинствата, индустријата, но и од туристите е основно за претставување на дестинацијата како чиста и здрава. Ниеден турист не сака да се грижи за своето здравје и за заболувања предизвикани од отпад на своето патување. Нечистата дестинација ја менува и сликата на туристот за убавината на дестинацијата”, вели Филдишевска.