Wizz Air одбележа 12 години од својот прв лет

84

wizz air

Со промотивен лет на новиот Ербас А321, нискобуџетната авиокомпанија Wizz Air, којашто сообраќа на скопскиот аеродром, ја одбележа 12-годишнината од својот прв лет, пишува Миа.

Генералниот извршен директор на компанијата Јозеф Варади заедно со авионскиот екипаж беа пречекани на аеродромот Александар Велики од страна на генералниот директор на ТАВ Македонија, Зоран Крстевски.

По повод годишнината беше промовирана и новата веб страница на компанијата на која има распоред лесно прилагодлив за смартфони, таблети или десктопи. Функцијата (експресно резервирање) е првата од овој вид која им овозможува на корисниците да купат карта со само три клика во рок од 30 секунди. Веб страницата е достапна директно од смартфон преку wizzair.com или преку m.wizzair.com.

“Во изминатите 12 години, Wizz Air го револуционизираше воздухопловството низ Централна и Источна Европа. Ние моментално поврзуваме 39 држави, со дестинации кои се протегаат од Европа до Блискиот Исток. Минатата година го лансиравме нашиот освежен бренд и го испорачавме првиот Ербас А321, најефикасниот авион со еден коридор во светот и со нашите тековни испораки, нашата флота останува една од најмладите во Европа. Нашата мисија е константно да го подобруваме патувачкото искуство на нашите патници, а денес, правиме чекор напред со лансирањето на нашата нова веб страница“, изјави Варади.

Директорот на скопскиот аеродром Зоран Крстевски рече дека слетувањето на новиот Ербас и одбележувањето на 12-годишнината на Wizz Air е потврда за добрата соработка меѓу двете страни.

“Wizz Air почна со летови на скопскиот аеродром Александар Велики во јуни 2011 година, со првиот лет до Лондон (Лутон). Денес можеме да се пофалиме дека Wizz Air лета на вкупно 24 дестинации, поврзувајќи ја Македонија со 11 европски држави. Зголемената мрежа на дестинации и зголемениот сообраќај на двата македонски аеродроми нè охрабрува да предложиме и нови дестинации, а зошто да не и на прекуокеански сообраќај“, рече Крстевски.

Компанијата е основана во септември 2003 година, а во Македонија почна да сообраќа од 2011 година. Оттогаш константно ги зголемува своите операции во регионот и планира да го зголеми својот расположлив капацитет за 22%. Авиокомпанијата има пилоти и тим од 115 вработени и располага со три авиони стационирани во Скопје. До денес, авиокомпанијата услужила 2,2 милиони патници на нејзините 24 рути до 11 држави, од два македонски аеродроми во Скопје и Охрид.

Двата македонски аеродроми пак бележат зголемување за 22% на вкупниот број патници во 2015 година кога се евидентирани 1.560.381 патници. Трендот на зголемување на авиосообраќајот продолжува и оваа година. Во првите четири месеци од годинава преку двата македонски аеродрома беа пренесени 486.968 патници, што е за 28% повеќе во споредба со истиот период во 2015 година. Исто времено, бројот на полетувањата и слетувањата на двата аеродрома е пораснат за 15%.