На 15-ти овој месец во 19 часот истекува рокот за поднесување барање до Агенцијата за катастар на недвижности за трансформација на корисничкото право на градежно неизградено земјиште во право на сопственост по сила на закон, пишува Миа.
Од Агенцијата ги повикуваат граѓаните кои не поднеле барање за приватизација до Управата за имотно правни работи до 15 декември 2014 година, тоа да го направат до среда и најавуваат дека шалтерите во Центарот на катастар на недвижности во Скопје во наредните три дена ќе работат со продолжено работно време до 19 часот.
Од септември 2015 година досега 1.447 граѓани ја искористија можноста и корисничкото право го трансформираа во право на сопственост во брза и ефикасна постапка.
Постапката за поднесување барање е едноставна и покрај пријавата која ја има на шалтерите неопходен е доказ за идентификација на поднесителот, актот врз основа на којшто е стекнато правото на користење на катастарската парцела, доказ дека не е поднесено барање за утврдување на правен статус на објект на катастарската парцела која е неизградено градежно земјиште и доказ за платен надоместок за имотен лист.