Зголемено индустриското производство во мај

10

Индустриското производство во мај оваа година во однос на истиот период лани е зголемено за 5,3%, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Гледано по сектори, индустриското производство во секторот Рударство и вадење на камен во мај 2016 година, во однос на мај 2015 година, бележи опаѓање од 19,8%, во секторот Преработувачка индустрија бележи пораст од 11,7%, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација опаѓање од 18,4%.

Порастот во секторот Преработувачка индустрија е резултат, пред сѐ, на зголеменото производство во следните оддели: Производство на прехранбени производи, Производство на пијалаци, Производство на тутунски производи, Производство на облека, Производство не електрична опрема, Производство на машини и уреди, неспомнати на друго место и Производство на моторни возила, приколки и полуприколки.

Според главните индустриски групи, производството во мај 2016 година, во однос на мај 2015 година, бележи пораст кај Капитални производи за 34,5%, Трајни производи за широка потрошувачка за 4,4% и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 8,2%, додека опаѓање бележи кај Енергија за 24,9% и Интермедијарни производи, освен енергија за 0,2%.

Индустриското производство во периодот јануари – мај 2016 година, во однос на периодот јануари – мај 2015 година, е во пораст од 8%.