Македонска берза воведе времен прекин на тргувањето со акциите на Топлификација.
“На 19-ти овој месец беше најавено одржување на седница на продолженото собрание на акционери на Топлификација АД Скопје. Како друштво чии акции котираат на Официјалниот пазар на Македонската берза АД Скопје, согласно Правилата за котација на Берзата, Топлификација АД Скопје има обврска да ја објави содржината на определени релевантни одлуки што се на дневeн ред на собранието на акционери најдоцна до почетокот на тргувањето првиот нареден ден на тргување после денот на нивното донесување од страна на собранието“, стои во соопштението.
Со оглед на фактот дека пред почетокот на тргувањето на 20.07.2016 година, како што се наведува, Топлификација АД Скопје извести дека не е во можност да ја објави содржината на предметните собраниски одлуки преку системот за електронско известување од котираните друштва на Берзата (СЕИ Нет), тргувањето со акциите издадени од Топлификација АД Скопје беше времено прекинато согласно Правилата за котација. Воедно, по завршувањето на тргувањето на 20.07.2016 година Топлификација АД Скопје преку СЕИ Нет објави известување дека ќе информира за текот на настаните на собранието на акционери по добивањето на официјалниот записник од седницата на продолженото собрание што го водел нотар, односно дека согласно Законот за трговски друштва овој записник се изготвува во рок од три дена од одржувањето на собранието.
Оттука, од Берзата информираат дека согласно Правилата за котација на Берзата прекинот на тргувањето со акциите на Топлификација АД Скопје продолжува до објавување на предметните собраниски одлуки од страна на Топлификација АД Скопје.