Нови 37 инженери и архитекти добија сертификати за завршен тренинг курс во подрачјето Згради со енергија близу до нула – NZEB.
Целта на бесплатните курсеви е тренинг на професионалците во градежниот сектор за стратегиите и технологиите на NZEB за да се забрза прилагодувањето со оглед на ревидираната Директива на ЕУ за енергетските перформанси во зградите (EPBD), која ја вклучува обврската за сите јавни загради кои ќе бидат изградени по 31.12.2018 и сите згради кои ќе бидат изградени по 31.01.2020 да го исполнат стандардот EPBD NZEB.
Курсевите се изведуваат во рамки на проектот Форум за енергетски професионални вештини, од програмата Horizon 2020, финансирани од страна на Европската комисија.
“Овој проект е наменет за инженери проектанти. Тие во текот на курсот се обучуваат на принципите на стандардот или директивата донесена од Европската комисија, која вели дека до 2021 година сите згради треба да се градат по овој стандард. Тоа ќе бидат високи енергетски згради и ова е првиот чекор во обуката на нашите проектанти за да ја совладаат оваа технологија, да ги имаат вештините во градењето на такви објекти. Досега имавме два курса, а во септември ќе започне третиот курс“, објаснува професор д-р Властимир Гламочанин од Факултетот за електротехнички и информациски технологии.
Сите заинтересирани инженери, за следниот и последен курс, може да се пријават на интернет страницата http://www.mens-nzeb.eu/mk/. По успешно завршување на курсот, учесниците ќе се стекнат со целосно разбирање на NZEB концептот кој се применува во државата и во Европа, како и вештини кои се неопходни во при NZEB трансформацијата на зградите во ЕУ.