PEBL – еколошко возило за кратки релации

60

pebl-velomobile

Better Bikes, компанија од Масачусетс, САД создаде возило што е интересна комбинација од велосипед и автомобил, пишува Energy Matters. PEBL го движи електричен мотор од 750 вати, има три тркала и достигнува брзина од 32 километри на час.

PEBL тежи околу 88 килограми, а во него може да се вгради греење и затоплувач на батерија за ладни услови, дополнителен USB приклучок и 12 волтни порти , како и сончев панел од 110 волти за покривот.

Со стандардна литиумска батерија на рамен терен возилото може да помине 40 километри без вртење на педалите. Постои и можност да се инсталира и поголема батерија, па тогаш PEBL без проблем поминува растојание до 160 километри.

pebl-velomobile-1

За целосно да се наполни една стандардна 48 волтна батерија потребни се 2,5 до 3 часа, а останатите стандардни функции вклучуваат осветлување, винил врати со прозорци на патент, контрола на движење и друго. Носечката рамка на возилото е направена од легура од алуминиум отпорна на корозија. Освен место за возачот, има уште едно седиште што може да се трансформира во простор за пренесување на багаж.

Друг интересен аспект на ова возило, чија носивост е до 158 килограми, е каросеријата –  направена со индустриски коноп и смола базирана на соја. Цената за основниот модел без опција за напојување со сончева енергија изнесува 5.500 долари.