Дваесет македонски производи од денеска до 26-ти септември ќе учествуваат на најголемиот меѓународен саем за храна Тера Мадре Салоне дел Густо 2016 во италијанскиот град Торино, јавува Миа.
На настанот присуствуваат 5.000 претставници од 160 земји, над 800 изложувачи, 300 президиуми на Слоу Фуд и 500 заедници за храна на Тера Мадре, а се очекуваат над милион посетители.
Македонија има свој штанд на кој ги претставува президиумите буковска пипер, слатко од диви смокви и грозјето Станушина. Претставен ќе биде и новиот президиум на Македонската медоносна пчела, но во рамки на заедничката презентација на президиумите од Балканот и Турција. На штандот е предвидено секој ден да се презентира по еден президиум.
Тера Мадре Салоне дел Густо е во организација на глобалната граѓанска организација Слоу Фуд. Се одржува од 1996 година, а овој пат мотото е Да ја сакаме Земјата, коешто ја сумира целата филозофија на Слоу Фуд – продукција на здрава и чиста храна достапна за сите, заштита на традиционалните производители, бавно уживање во храната и јакнење на еколошката свест која подразбира исклучителна грижа и водење сметка за животната средина при производството на храна.
Последното издание на Салоне дел Густо, еден од најзначајните настани за малите производители на храна и вино, се одржа во октомври 2014 година. Привлече околу 220.000 посетители од преку 60 земји. Присуствуваа 3.000 претставници од околу 160 држави, 1.200 излагачи од 100 земји меѓу кои и 300 производители од Слоу Фуд президиумите, како и претставници на 400 заедници на храна од Тера Мадре мрежата, поделени според географските области од кои доаѓаат.