Трошоците на живот во октомври, во однос на претходниот месец, се непроменети, додека кај цените на мало има намалување од 0,3%, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Трошоците на животот во октомври 2016 година се на исто ниво како во претходниот месец, но е забележано движење во подгрупите. Пораст е забележан кај јајцата и свежиот и разладениот зеленчук освен компир за 1,1%, безалкохолните пијалаци за 0,4%, месото и млекото за 0,3%.
Во октомври 2016, исто така, пораст на трошоците на животот е забележан и кај туристичките пакет-аранжмани за 4,9%, обувките за 3,4%, гасот за домаќинствата за 2,9%, болничките услуги за 2,8%, текстилот за домаќинствата за 1,3%, течните горива за домаќинствата за 0,8%, течните горива и мазива за 0,7%, накитот и часовниците за 0,6%, мебелот за домаќинствата за 0,5%, облеката, малите електрични апарати за домаќинствата и лековите за 0,4%, големите електрични апарати за домаќинствата за 0,3% и игри, играчки и хоби за 0,2%.
Намалување на трошоците на животот во октомври 2016 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај свежото и разладеното овошје за 5,4%, другите пекарски производи за 1,7%, сувото овошје и јаткастите производи за 1,1%, замрзнатиот зеленчук освен компир за 0,8%, маслото и маснотиите за 0,7%, оризот за 0,5%, другите прехранбени производи за 0,4%, рибата и морските плодови за 0,3%.
Исто така, намалување на трошоците на животот е забележано и кај авионскиот превоз на патници за 17,6%, информатичката опрема за 2,4%, медицинските и парамедицинските услуги за 1,9%, средствата за чистење и одржување на станот за 1,6%, услугите и предметите за лична хигиена за 0,3%.
Трошоците на животот во октомври 2016 година, во споредба со октомври 2015 година, бележат пораст од 0,2%, а на цените на мало бележи пораст од 0,5%.