Енолози од Македонија во посета на Алзас

93

Македонска 13-члена делегација на претставници на локалните власти и експерти во енологија до сабота престојува во францускиот регион Алзас во студиска посета посветена на винската индустрија. Посетата е поддржана од Програмата за развој на ОН (УНДП) за Македонија и целта е да ги запознае македонските претставници со организацијата на винската индустрија, винскиот пат Алзас и нивната поврзаност со туризмот, јави дописникот на МИА.

За време на посетата предвидени се серија средби со професионалци од винската индустрија, како Меѓупрофесионалниот комитет на вината на Алзас, училиштето специјализирано за лозарство и производство на вино од Руфах, посети на винарии, организации на винопроизводители и љубители на виното итн. Дел од посетата ќе биде посветен и на туристичката понуда во Алзас, како Агенцијата за развој на туризмот и Туристичкото биро на Оберне и економскиот развој (Агенцијата за развој на Алзас). Средбите ќе треба да им помогнат на македонските експерти подобро да се запознаат со начинот на којшто е организирањето и функционирањето на оваа област во Алзас. За време на посетата ќе бидат посетени и Департманскиот совет на Горна Рајна, Советот на Европа и Европскиот суд за човекови права.

Домаќин на македонската делегација е асоцијацијата Алзас – Македонија (АЛМА), со која претседава Жак Шлеф, со поддршка на постојаната мисија на Република Македонија при Советот на Европа, која за делегацијата ќе приреди прием.

Асоцијацијата АЛМА од пред неколку години е вклучена во акции на културна и спортска соработка и добротворни акции, а сега се посветува и на развојот на економската соработка меѓу Македонија и Алзас. Во тој контекст, во јуни годинава во Скопје беше организиран настан Добредојдовте во Алзас во партнерство со Агенцијата за развој на Алзас и Амбасадата на Република Франција.

Аеродромот во Алзас, Базел – Мулуз, секојдневно е поврзан со Скопје или со Охрид што придонесува да се промовира размената на сите полиња меѓу Источниот регион на Франција, поточно областа Алзас и Република Македонија.