Импровизација!

439

pikaso

Фото: wikiart.org

За да бидете добри импровизатори, мора да сте експерти ’мајстори’ во она што го правите!”

Импровизацијата, најмногу се поврзува со некоја уметност (сликарство, музика, глума…), меѓутоа, и не мора да значи. Таа е применлива техника и во кој било аспект од нашето живеење и работење.

Импровизација значи да се направи нешто без претходна подготовка. Да се „измислуваат” работи. Поради тоа, импровизацијата е најапликативна во уметноста. Нивната работа се заснова на импровизирање со материјалите и делата што ги креираат. Но, во секој случај, импровизацијата е апликативна за која било работа/професија. Импровизацијата значи иновација, носи до нови идеи и начини на работење и гледање на работите. Таа создава нови системи и модели на функционирање (хибриди).

Меѓутоа, не е лесно да се импровизира. Ние може ќе видиме некој музичар како импровизира и си мислиме дека многу лесно го прави тоа. Но, со цел да биде толку добар во импровизацијата, тој најверојатно е мајстор на својот инструмент.

Има една приказна за Пикасо (не знам дали е точна или не, но сепак може да се извади убава поента). Некој налогодавач му порачал да му нацрта петел. Пикасо го  викнал за еден месец и пред него во неколку потези нацртал петел и му побарал 1 мил. $. Нормално, налогодавачот имал проблем, бидејќи не можел да ја види вредноста на сликата и времето инвестирано во нејзината креација. Но, Пикасо го однел одзади, во неговото студио и му ги покажал сите 100 неуспешни обиди да нацрта петел. Колку ли време нему му требало да инвестира да ја „погоди” баш таа емоција или линија што сакал да ја долови со своето дело?!

Нажалост, живееме во време каде што импровизацијата е дел од нашето социо-економско, општествено и политичко секојдневие. Време каде што повеќе внимание се става на формата отколку на суштината на работите. Денес, веќе секој импровизира. Секој приучен си дава за право, бидејќи е дозволено да импровизира, да ги руши правила, а со тоа влијае врз намалување на квалитетот на работата. Сè е „инстант”. Сé се бара веднаш или за вчера, и нормално е сите да импровизираме со цел да го скратиме процесот на работење. Да, импровизацијата значи пронаоѓање на пократок пат, но тоа не значи да се одрази на квалитетот на работата.

Како да бидете подобри импровизатори:

  1. Бидете најдобри во тоа што го работите – основен фактор којшто влијае врз импровизацијата е висока експертиза во она што го работите. Имајте ги информациите, имајте го знаењето, влегувајте длабински во работите, бидете вечни студенти.
  2. Креативност – да бидете добри во импровизацијата треба да ја развивате вашата креативност. Креативното размислување (како и импровизацијата) претставува кршење на матриците.
  3. Додадете на направеното – понекогаш да бидете добри во импровизацијата ви треба основа која ќе ја надградувате со вашите информации, знаење, податоци.
  4. Бидете отворени – немојте да бидете негативни и да ги одбивате можностите што ви се појавуваат и се надвор од вашиот план. Спуштете го гардот. Отворете се кон околината и луѓето околу вас.
  5. Гледајте вон рамките на приказната – не се фокусирајте само на она што е дел од разговорот. Размислете како таа ситуација е дел од големата слика и пробајте да ја вклопите во моменталната ситуација. Музичарот не ги следи праговите и нотите. Тоа му е влезено во моториката. Тој ја слуша мелодијата и си игра со неа.
  6. Точни информации – многу импровизатори лажат и мислат дека со тоа се супер импровизатори. Тоа не е точно. Тоа е мајсторство во лажење, а не импровизација. Импровизацијата е поврзана со точни и со јасни информации и факти.
  7. Тешки ситуации – намерно ставајте се себеси во тешки ситуации. На тој начин го терате умот да се активира повеќе и да размислува нестандардни начини за премостување на секоја ситуација.

Импровизацијата е прекрасна! Но, работата е тоа што вие не може да импровизирате, доколку не знаете точно што правите.

Кристофер Волкен (Актер)

Со успех во брзите промени.

Ако имате прашање за Петар Лазаров, можете да го поставите на Бизнис советник.