Затворени паркови за ладните зими во Шведска

59

park

Шведското студио Utopia Architects, осмисли идеја за затворен градски парк како дел од планот за урбанизација на градот Стокхолм, којшто има за цел да ги уреди некомерцијалните јавни површини и во текот на целата година да се користат за дружење, забава и културни настани. Паркот St. Eriksplan е прв во низата проекти како дел од планот на Utopia Ideas.

park1

Затворените паркови “indoor park“ во Стокхолм се замислени како џиновски куполи во кои луѓето во ладните денови ќе може да се дружат и уживаат топол, светол и зелен простор. Двете затворени куполи, со вкупна површина од 1.500 метри квадратни, ќе бидат изградени во комбинација од дрво и стакло и ќе бидат сместени на една од најпрометните раскрсници северно од центарот на градот.

Локацијата за изградба на овој парк не е атрактивна за жителите на овој град, но со изградбата на куполи од стакло ситуацијата ќе се промени, пишува Citylab.

park2

Фото: Utopia

Со оглед на тоа што Шведска е земја која има највисока стапка на користење на обновливи извори на енергија во Европската унија, овој парк би требало да функционира како еколошка зона. Планот е филтрираниот топол воздух од околните подземни гаражи да се канализира во паркот, кадешто зеленилото дополнително ќе го прочисти.

Иако паркот во затворено засега е само предлог, оваа идеја доби позитивни реакции од градските власти. Проектот на Utopia Architects адекватно се вклопува во урбанистичкиот план од 2010 година, којшто има за цел Стокхолм да стане град со повеќе јавни површини наменети за дружење, забава и културни настани.