Во Шпилје и Глобочица во првото тримесечје произведени 70 милиони киловатчасови струја

47

sijalici-pixabay

Фото: Pixabay

Во хидроелектраните Шпилје и Глобочица, коишто го сочинуваат Хидроенергетскиот слив (ХЕС) Црн Дрим, во првото тримесечје од годинава произведени се околу 70 милиони киловатчасови електрична енергија, што претставува 15% реализација на годишниот план, јавува Миа.

Тоа, оценуваат надлежните од ЕЛЕМ, е поради релативно неповолната хдрологија во извештајниот период. Состојбата, посочуваат, секојдневно се подобрува и акумулациите се со исполнетост од околу 50%.

“Во ХЕ Шпилје во периодот јанари – март произведени се над 41 милион киловатчасови електрична енергија, што е 15% од годишниот план, што е проектиран на 275 милиони киловатчасови. Во моментот, дотекот изнесува 40 кубни метри вода во секунда, а има резерва во акумулацијата за производство на 20 милиони киловатчасови“, велат од ЕЛЕМ.

Годишниот производствен план на ХЕ Глобочица е проектиран на 184 милиони киловатчасови, а произведени се над 28 милиони. И во акумулацијата на оваа хироелектрана има резерва на вода за производство на околу 20 милони килватчасови.

Како резултат на навремено реализираните ремонти и ревизии на електормашинската опрема, хидроелектраните се подготвени да ги прифатат и преработат сите количини на вода што се очекува да се слеат во акумулациите од топењето на снегот во планините и дождовите, кои се вообичаена појава за пролетниот период.

Инаку, лани како резултат на  поволната хидрологија, Шпилје на системот му испорачал 355 милиони киловатчасови електрична енергија, што претставува поголемо производство од планираното за околу 29%. ХЕ Глобочица, пак, произвела 234 милиони киловатчасови, што значи 23% поголемо производство од планираното за календарската 2016 година.