Намалена продажбата на станови во првите три месеци од годинава

19

zgrada-pixabay

Фото: Pixabay

Продажбата на станови е намалена, но цената не е променета, дури бележи и благ пораст, соопшти денеска директорот на Агенцијата за катастар Славче Трпески, јави Миа.

Според Трпески, во првите три месеци од годинава се продадени 51 новоизграден стан, што е намалување во однос на четвртиот квартал во 2016. Сепак, се очекува раздвижување на пазарот и намалување на цените најмногу поради пониските каматни стапки на станбените кредити.

Катастарот во првите три месеци од годинава бележи намалување на бројот трансакции со недвижности генерално, односно пад од 51,4% во споредба со истиот период лани. Запишани се вкупно 2.590 трансакции што е најмал број за еден квартал од воспоставувањето на Регистарот на цени и закупнини. Најмногу трансакции се регистрирани во март, 1.040, а најмалку во јануари, 613, што е најмал број за еден месец од воспоставувањето на Регистарот.

“Ваквото огромно намалување се должи пред сè на зголемените законски бариери на пазарот на недвижности, неговата презаситеност со новоизградени станови и непроменетите цени и покрај лошите услови на пазарот“, рече Трпески, додавајќи дека најголем проблем предизвикал новиот Закон за нотаријат којшто во купопродажбата на станови вклучува и адвокат.

Од вкупниот број трансакции со недвижности, 79% се однесуваат на продажби, 18% на закупи, 2% на продажби од инвеститор и 1% на откупи од Република Македонија.

Во однос на становите, во првиот квартал од 2017 се регистрирани 3.030 новоизградени кои не се непродадени, а во градба се 8.777 на целата територија на Македонија.

“Ако се направи споредба со четвртиот квартал од 2016, се забележува зголемување на непродадените станови за 225 и раст на становите во градба за 325“, укажа Трпески.

Цената за метар квадратен во општина Центар е 45.562 денара, во Аеродром 51.739 денари, во Карпош 61.163 денари, во Ѓорче Петров 48.585, а во Кисела Вода 54.335.

Надвор од Скопје, цената на становите е стабилна во Струмица, Куманово и Охрид, додека поскапување има во Битола.

Извешајот на Катастарот покажува и дека во првиот квартал од годинава се регистрирани само два закупа на станови и 28 закупи на деловни простори што е исто така голем пад на пазарот поради што, како што рече Трпески, не може да се објават просечните цени на закупите. Незабележителен раст од 0,2% е регистриран кај хипотеките на становите. На ниво на Република Македонија, од вкупниот број регистрирани станови 10,09% се под  хипотека.