Фото: Pixabay
Според оценката на раководителите на деловните субјекти, индикаторот на доверба во преработувачката индустрија во март 2017 година е за 0,3 процентни поени повисок во однос на претходниот месец, а во однос на март 2016 година е зголемен за 3,3 процентни поени.
Состојбата на обезбеденоста на производството со порачки во март 2017, во однос на февруари 2017 година, е поповолна, очекувањата за обемот на производството во наредните три месеци се поповолни во однос на претходниот месец, а залихите на готовите производи сe намалени во однос на претходниот месец.
Оценката за економската состојба на деловните субјекти во март 2017 година е понеповолна во однос на претходниот месец, а поповолна во однос на март 2016 година. Оценката за бројот на вработени е дека ќе се зголеми.
Просечното искористување на капацитетите на деловните субјекти во март 2017 година изнесува 65,3% од нормалното искористување.
Најголемо влијание на ограничувањето на обемот на производството имаат следните фактори: недоволната странска побарувачка со 22,5%, недоволната домашна побарувачка со 19,7%, недостигот на квалификувана работна сила со 16,3% и неизвесното економско опкружување со 12,6%.