Пешевски: Хидросистемот Оризарска Река ќе биде реализиран до 2017 година

56

IMG_6786На средбата со стопанствениците во Кочани во понеделникот, вицепремиерот на Владата задолжен за економски прашања Владимир Пешевски најави дека Хидросистемот Оризарска Река, кој е објект со огромно значење во Источна Македонија, ќе се реализира до 2017 година.

Пешевски го нагласи значењето од соработката со бизнис заедницата која преку директни разговори со Владата испорачува конкретни предлози за подобрување на деловната клима.

“Управувањето со градежното земјиште, проектите од екологијата и искористувањето на средства од европските фондови ќе бидат најповолните услови од кои ќе зависи и развојот на економијата во општините. Со оглед дека по децентрализацијата локалната власт доби многу поголемо значење, многу е битно кој управува со општините”, посочи вицепремиерот.

Дваесетина стопанственици од металната, градежната, текстилната индустрија како и од земјоделството присуствуваа на средбата. Интересот беше најголем за условите за добивање кредити за инвестирање во производните дејности. Стопанствениците побараа поедноставување на процесот на рефинансирање на кредитите, посочувајќи повеќе примери за односот на банките кон бизнис секторот, Кочани и Виница да бидат вклучени во првата фаза од гасификацијата, како и изградба на мали хидроцентрали на неколку реки во Источна Македонија бидејќи, нагласија, овој енергетски потенцијал не е искористен.

Интересот на бизнисмените беше насочен и кон гасификацијата на Источна Македонија, за приклучувањето на Кочани во првата фаза од овој проект, како и за рационално искористување на геотермалниот потенцијал на Кочанската котлина.