Кредибилитет!?

677

kredibilitet-pixabay

Фото: Pixabay

Кога за некој велиме дека има кредибилитет, а за некој не!? Како некому веруваме во тоа што го зборува/пишува, а некому не!? Врз основа на што ние утврдуваме дека некој е доверлив извор и го земаме неговото кажување како вистина, а кога го гледаме со сомнеж!?

Понекогаш и јас самиот се наоѓам, на своите предавања, во ваква двојна ситуација. Една иста (моја) перспектива кога ќе ја претставам пред едни луѓе е прифаќана како вистинита, а пред други со скепса и со недоверба. Дали јас правам нешто погрешно или, пак, примателот на пораката!?

Во секој случај, кога зборуваме за кредибилитет, мора да ги земеме предвид и двете страни (изворот и примателот на информацијата).

Според дефиниција, кредибилитет значи „да си веродостоен или да си човек од доверба”. Дополнително, Википедија вели дека кредибилитетот содржи две примарни компоненти во себе: веродостојност и експертиза, каде што и двете компоненти, во суштина, подлежат на субјективно толкување од страна на примателот на пораката, но имаат и објективна страна. Веродостојноста, во однос на етаблираната (општо прифатена) вистина, а експертизата, преку титулата, минатите успеси, референции, CV итн. Како секундарни компоненти на кредибилитетот се динамиката на личноста (харизмата) и изгледот.

Ако ја анализираме горенаведената дефиниција и ова генерално објаснување на кредибилитетот, дали значи дека ако (имам став) изгледам доверливо, имам некаква експертиза, харизматичен сум и убав, можам да „протнам” каква сакам порака до слушателите (без оглед на вистинитоста на пораката)!? Бидејќи најголем дел на веродостојноста на еден извор ја потврдуваме субјективно, од нас зависи дали некој е кредибилитет или не, т.е. од моќта на уверување и продажните вештини на говорникот.

Дали не гледаме цело време такви луѓе на телевизија!? Дали, посебно кај политичарите (познати личности, моќници, бизнисмени, говорници, светски лидери…), нема вакви претставници кои со својата харизма и ораторски способности нас ни пренесуваат што сакаат?!  На кого да му веруваме и како да се заштитиме од лажните „пророци”? Уште во античко време, Сократ им се потсмевал на некои од лажните говорници, а сепак тие го сместиле на обвинителската маса.

Во секој случај, јас мислам дека е многу тешко да се даде целосно точен одговор на ова прашање. Како да се дефинира кој е „кредибилитет” а кој не и како со сигурност да знаеме дали некој не манипулира или е искрен со нас?

Бидејќи не постои точно определен начин (правила, прописи) како ние да го мериме кредибилитетот на некој извор и да влијаеме на нечии задни намери, единствено што може е да работиме на себе и да се заштитиме од лажните и манипулативни луѓе. Неколку совети што ќе ви помогнат во подобро селектирање на вистинските информации:

  • Сомничавост: еден пријател знае да ми каже „не верувај во ништо, и сè е возможно”. Мудроста е да знаеме во што да веруваме, а во што не. Во секој случај, без оглед на кредибилитетот на изворот, немојте да верувате слепо во она што ќе го слушнете. Бидете сомничави. Проверете ги информациите што ги слушате.
  • Не претерувајте со сомничавоста: понекогаш, пак, знаеме да бидеме претерано сомничави. На сè имаме негативен став и ставаме бариери пред себе. Затворениот став значи и проблем со егото. На овој начин може да се случи да пропуштиме многу важни и корисни информации.
  • Страв од вистината – „вистината боли”, затоа ако некогаш слушнете нешто што ќе ве налути или ќе ве навреди, не значи дека не е точно и дека треба да го елиминирате и одбиете. Размислете подлабоко пред да пресечете.
  • Познавање според делата: знаете како се вели, ако некого не може да оцените каков е видете ги неговите дела. Делата најдобро зборуваат за нас.
  • Говорот на телото (ако сте во контакт со соговорникот): не ги слушајте само зборовите, гледајте ги и сигналите што ви ги испраќаат соговорниците. Ако тие не се совпаѓаат, нешто ви изгледа чудно, можно е тие да лажат. Во секој случај, важно е да внесете внимание при следење на соговорникот.
  • Што ви зборува стомакот: кога чувството во стомакот ви кажува едно, а мозокот друго, слушајте го стомакот.

И овој текст не го земајте со апсолутна точност. Бидете сомничави!

Со успех во промените.

Ако имате прашање за Петар Лазаров, можете да го поставите на Бизнис советник.