Кампањата Јас внимавам апелира да се вози одморен

40

sl

Кампањата Јас внимавам иницирана од компанијата ОКТА, со поддршка на Министерството за внатрешни работи, овој месец своите активности за поголема безбедност во сообраќајот ги насочи кон заморот како причина за незгоди. Под мотото Секогаш возам одморен, претставници од МВР вршеа редовна контрола на возилата на улиците во градот Охрид. Совесните возачи кои беа сопирани по случаен избор и каде што беше констатирано почитување на сообраќајните правила и прописи, беа наградувани со вредносни ваучери за гориво од ОКТА и притоа беа потсетувани дека треба да бидат одморени пред да тргнат на патување.

„Во екот на летната сезона многу честа причина за сообраќајните незгоди е заморот и недоволниот сон кај возачите. Со надеж и намера да стигнат побрзо на саканата дестинација, поаѓаат на пат со недоволно сон, акумулиран замор и со тоа се доведуваат во опасност себе си, своето семејство, а и другите учесници во сообраќајот. Преку активностите на кампањата сакаме да потенцираме и уште еднаш да ги потсетиме граѓаните дека заморот придонесува до значителен пад на концентрацијата и психофизичките способности кај секој возач, а зголемената количина кафе или кој било начин за оттргнување на заморот, едноставно не се доволно за безбедно и сигурно патување“, изјавија од МВР.

Активностите за овој месец, кампањата ги префрли во Охрид, каде во овој период од годината сообраќајот е со зголемен интензитет и возачите честопати не посветуваат внимание на тоа дали се доволно одморени пред да тргнат на пат. Промотор и поддржувач на активностите на кампањата за овој месец е Ѓоко Танески.

Откако кампањата Јас внимавам започна со своите активности за зголемување на свеста за безбедноста во сообраќајот, апелираше до граѓаните да не возат под дејство на алкохол, задолжително да користат заштитен појас, велосипедистите да возат на обележана велосипедска патека и мотоциклистите да носат заштитен шлем. Како дел од едукацијата за сообраќајната култура кај најмладите беа донирани и сообраќајни полигони во повеќе основни училишта ширум земјава, а во досегашните активности кампањата доби и широка поддршка од јавните личности. Кампањата ќе продолжи со своите активности и понатаму, и ќе се осврне на  уште многу правила и прописи кои често се прекршуваат и претставуваат причина за незгоди во сообраќајот, стои во соопштението.