Фото: Pixabay
Регулаторната комисија за енергетика на Македонија и Регулаторната комисија за енергетика и води на Бугарија денеска потпишаа договор за соработка.
Со Договорот за соработка се надградува досегашната пракса на добра соработка помеѓу регулаторните комисии од двете држави и се воспоставува институционална рамка за продлабочување на соработката на билатерално и мултилатерално ниво, размена на искуства и информации од взаемен интерес, взаемна поддршка во градењето капацитети, соработка во имплементацијата на европските директиви и регулативи од областа на енергетиката, како и трансфер на знаења во доменот на регулирањето на водните услуги.
Воедно, со Договорот за соработка се очекува и зајакнување на активностите од регулаторен аспект во очекуваните идни процеси за изградба на нови интерконективни поврзувања, особено во доменот на природниот гас, како и генерално зајакната интеграција на пазарите на природен гас и електрична енергија, во контекст на креирањето единствен европски пазар на енергија.