Европскиот совет на инженерски комори (ECEC) го одржа 14-тото Генерално Собрание во Скопје, во организација на Комората на овластени архитекти и овластени инженери на Република Македонија, стои во соопштението.
Според претседателот на Комората на овластени архитекти и овластени инженери, професор д-р Миле Димитровски, иако Комората не е голема, сепак има огромна предност во тоа што сите инженери и архитекти се обединети заедно и се залагаат за подобар положба на инженерите во Македонија и во Европа.
“Заедно сме многу силни и заеднички може да сториме многу за нашите инженери и за инженерството во Европа. Со своето работење ќе ја оправдаме довербата што ни ја даваат европските колеги и ќе станеме уште посилни и поактивни во европскиот совет“, рече Димитровски.
За претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, присуството на инженерите во Скопје значи доверба во Комората и кон македонската инженерска и академска заедница.
“Вашето присуство во Скопје е израз на доверба во Комората на овластени архитекти и овластени инженери на Република Македонија, но и воопшто за севкупната македонска инженерска и академска заедница. Иако Република Македонија сè уште не е дел од Европската Унија, сепак нејзините инженери и архитекти се дел од моторот што ја движи Унијата“, рече претседателот Иванов
“ЕЦЕЦ е многу важна инженерска организација во Европа којашто ги презентира инженерските професии пред европските институции, рече претседателот на Европскиот Совет на инженерски комори“, Чртомир Ремец.
“Ова не е вообичаено Генерално собрание затоа што, пред неколку дена, во Брисел ЕЦЕЦ добила статус на правно лице и со полни овластувања може да ги застапува интересите пред Европската Унија. ЕЦЕЦ не е најсилната, но е најважната инженерска организација којашто ја претставува нашата професија пред Брисел. Правиме сè што е во наша моќ да им помогнеме на нашите членки. Исто така, македонската Комора на овластени архитекти и овластени инженери е активна во ЕЦЕЦ од 2010 година. На ова Собрание, меѓу другото, ќе говориме за квалитетот, цените и професионалната регулатива на инженерскиот труд“, рече Ремец.
Претседателот на ЕЦЕЦ, Ремец и претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов доделија награда за исклучителна инженерска работа на поранешниот претседател на Светската федерација на инженери, Марван Абдулхамид.
Исто така, награда доби и македонската Комора на овластени архитекти и овластени инженери од Европскиот совет за одличната организација на Собранието и активниот придонес на КОАИ во работата на ЕЦЕЦ.