Фото: ElectRoad
Транзитниот сервис Dan Bus Company од Тел Авив, Израел, ќе инвестира 2,2 милиони долари во патишта што безжично ќе ги полнат електричните возила, пишува Inhabitat. Технологијата, наречена ElectRoad, вклучува поставување на електрични калеми под патиштата коишто ќе ги полнат возилата како што поминуваат над нив.
Со тоа сопствениците на електрични возила ќе можат слободно да возат без да бараат станица за полнење. ElectRoad работи на тој начин што користи спроводни калеми за напојување на електричните возила преку магнетна индукција. Од компанијата велат дека технологијата ќе придонесе за нула емисија на штетни гасови, висока ефикасност и ниски трошоци.
Стартапот планира постепено да навлегува на пазарот со фокус на јавниот транспорт, односно автобуските линии. Dan Bus Company веќе поседува електрични автобуси коишто можат да се полнат преку кабел на автобуските станици. За тоа им е потребно две до три минути, а можат да поминат 30 километри. Од компанијата се надеваат дека ElectRoad ќе ја елиминира оваа потреба.