Балкан Петролеум не доби дозвола за давање понуда за преземање на Макпетрол

46

komisija-za-hartii-od-vrednost

Комисијата за хартии од вредност (КХВ) одлучи на Балкан Петролеум холдинг лимитед да не му издаде дозвола за давање понуда за преземање на Макпетрол, стои во соопштението.

Ваквата одлука, како што се наведува, КХВ ја донесе откако на 18-ти декември оваа година со допис од страна на другиот државен орган беше известена дека е решено претходното прашање.

“Комисијата констатира дека не се исполнети условите од Законот за преземање на акционерски друштва, според кои Проспектот и Понудата за преземање треба да се изготвени во согласност со законот. Според член 21 став 2 од Законот за преземање на акционерски друштва, акционерите на целното друштво мораат да бидат целосно, точно и навремено информирани за понудата за преземање за да имаат доволно време правилно да ја оценат понудата, да ги дефинираат своите интереси и да донесат одлука за прифаќање или одбивање на понудата за преземање. Овие информации акционерите ги добиваат токму од Проспектот којшто во себе содржи детални податоци за понудувачот и за понудата за преземање, за изворите на финансирање на понудата за преземање, целта на понудата за преземање, намерата и плановите на преземачот во врска со целното друштво и слично“, соопштуваат од КХВ.

Оттука, како што велат од КХВ, по добивање на дописот од другиот надлежен орган, Комисијата на седницата констатира дека во конкретниот случај не може доследно да се применува член 27 став 3 од Законот за преземање на акционерски друштва, поради што Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија како регулатор на пазарот на капитал не смее да толерира на акционерите да не им се достапни сите потребни и релевантни податоци за Балкан Петролеум холдинг лимитед за да донесат одлука за прифаќање или одбивање на понудата за преземање на Макпетрол АД Скопје.

Исто така на седницата, Комисијата даде согласност Василка Николовска во наредните четири години да раководи со Одделот за работа со хартии од вредност при ТТК Банка АД Скопје.

КХВ обнови и една дозвола за брокер.