Повторно бесплатен јавен превоз поради зголемената загаденост на воздухот во Скопје

235

avtobus-vnatre

Фото: Pixabay

Поради зголемената загаденост на воздухот во Скопје, градските власти повторно воведуваат бесплатен јавен превоз во автобусите на ЈСП и приватните превозници.

“Апелирам до граѓаните да не ги користат возилата без потреба, повеќе лица да се возат во едно возило, да се користи јавниот превоз и тоа да премине во навика без разлика на загадувањето, за затоплување на домовите да не се користат отпадни материјали, прегорено машинско масло, лакирани и обоени отпадоци од дрво, стиропор, ПЕТ амбалажа, гуми и каков било синтетички материјал, да се користи суво и чисто дрво без примеси од земја и од отпадоци, печките на дрво да се користат и одржуваат според упатствата на производителот“, изјави градоначалникот Петре Шилегов.

На сила стапуваат следните мерки и препораки:

  1. Градот Скопје од осми јануари воведува бесплатен јавен превоз во автобусите на ЈСП и во автобусите на приватните превозници. Оваа мерка ќе трае сè до моментот на намалување на загадувањето, за што дополнително ќе бидеме известени од страна на Министерството за животна средина.
  2. Градот Скопје ги прекинува сите градежни активности на градилиштата под своја надлежност и ги повикува сите градоначалници од општините во град Скопје да ги прекинат градежните активности на градилиштата во нивна надлежност.
  3. Градот Скопје ја интензивира контролата и на градилиштата, односно возилата што излегуваат од градилиштата мора да имаат измиени тркала и да се покриени со церади заради контрола на прашината.
  4. Се задолжува ЈП Комунална хигиена да го продолжи интензивното чистење и миење на градските улици и булевари што се во надлежност на Град Скопје и им препорачувам на скопските општини да го направат истото на улиците што се во нивна надлежност.
  5. Градот Скопје врши зајакната контрола на имателите на одобренија за доставување стока преку Инспекторатот на Град Скопје, а воедно го повикувам и Министерството за внатрешни работи да спроведе засилени контроли на правните субјекти кои поседуваат одобренија за доставување стоки издадени од Град Скопје.
  6. Се повикуваат градоначалниците на општините во градот Скопје да ги интензивираат инспекциските надзори над субјектите кои управуваат со отпадни гуми и отпадни масла.

Градоначалникот Шилегов се обрати и до институциите на централната власт и апелираше истите да ги зајакнат активности коишто се во нивна надлежност во насока на подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух. Во таа насока:

  1. Го повикувам Министерството за внатрешни работи да спроведе ограничување на обуките на автошколите од 9:30 до 14:30 и по 18 часот.
  2. Го повикувам Министерството за животна средина, Државниот инспекторат за животна средина и општините да извршат засилени контроли над инсталациите што се под нивни ингеренции.
  3. Барам од Министерството за внатрешни работи да ги зајакне контролите за почитување на забраната за движење тешки товарни возила чијашто крајна дестинација не е Градот Скопје, а кои ќе се упатуваат да ја користат скопската обиколница, во согласност со поставената сообраќајна сигнализација.
  4. Барам од Министерството за внатрешни работи да врши зачестени контроли на издувните гасови на возилата кои учествуваат во сообраќајот.