Фото: Pixabay
На пазарите во Македонија ќе нема фискализација сè до влез на државата во ЕУ, а регистрацијата на фирма нема да биде преку Централен регистар, туку со лиценци што ќе ги издава Комората на трговци. Ова се предвидува со новиот Закон за трговија на зелените пазари, што беше донесен на 11-ти овој месец, јавува Миа.
Претседателот на Комората на трговци на Република Македонија, Екрем Долек, нагласи дека ќе ги издаваат и ќе ги поделат лиценците по пазарите бидејќи од Здружение на пазарџии се регистрирале во Комора. Должноста им ја доделила Владата и Собранието на Република Македонија.
“Плаќањето на обврските кон државата да не биде преку книговодители, туку да биде паушално. Паушалното плаќање на персонален данок на доход веќе функционира од 2011 година. За плаќањето на придонесите за здравствено и пензиско осигурување се согласивме со Владата и со Министерството за економија, тезгаџиите да биде ставен во тарифата на земјоделец поединец“, истакна Долек.
Додаде дека по направените анализи дошле до заклучок дека дејноста на еден тезгаџија по обем е иста како на еден земјоделец поединец.
За добивање на лиценците лицата треба да докажат дека поседуваат тезга под закуп. Врз основа на тој договор што го имаат со организаторот на пазарот тие ќе му издадат лиценца со важност од една година. Со необновување на лиценцата, лицето се брише како имател на тезга во одреден пазар во државата. За цената оваа недела ќе разговараат со министерствата за финансии и за економија.