Сопствениците на ЕДС, компанијата за трговија со електрична енергија и на Public Power Corporation, грчката национална компанија за производство на струја, денеска го потпишаа договорот за продажба на 100% од акциите на ЕДС и подружниците во Југоисточна Европа, во вкупна вредност од 4,8 милиони евра.
ЕДС, успешна компанија од енергетскиот сектор со присуство во седум земји од регионот, којашто предизвика позитивна промена во однос на условите и цените на либерализираниот пазар на струја, денеска се спојува со регионален лидер во производство и продажба на електрична енергија. Ова значително ќе ја зголеми конкурентноста на ЕДС и ќе обезбеди поголема стабилност што значи и подобри услови за клиентите.
“Покрај следењето за нашето законодавство и процедурите, во текот на преговорите за продажбата приоритет ни беа и условите за унапредување на стабилноста и плановите за понатамошен развој на компанијата. ЕДС досега постигна многу на локалниот и регионалниот пазар, како членка на меѓународната берза за набавка на струја ја има најдобрата балансна група, одлично развиена мрежа за снабдување со електрична енергија и големо искуство во набавката на струја на слободниот пазар. Со овој договор позади ЕДС имаме гигант во производство на струја што се очекува дека ќе ја направи ЕДС поконкурентна на пазарот. Тоа значи дека клиентите ќе имаат добри услови и пред се уште поголема сигурност“, изјави Кочо Анѓушев, сопственик на ЕДС.
По денешното потпишување на договорот за купување на акциите, неопходно е да се завршат одредени формалности и процедури, што ќе доведе до финален трансфер на компанијата.
PPC е една од најголемите компании во Југоисточна Европа од областа на енергетиката, со вкупна актива од повеќе од 15 милијарди евра и годишни приходи од над 5 милијарди евра. Основната дејност на PPC е производство, дистрибуција и снабдување со електрична енергија во Грција за 7,3 милиони потрошувачи и има пазарен удел од околу 85%.
Компанијата е исто така сопственик на дистрибутивната мрежа на Грција којашто стопроцентно ја води филијала ХЕДНО, како и PPC Обновливи извори – една од пионерските компании во Европа за производство на електрична енергија од обновливи извори.
Покрај тоа, PPC има подружници во Бугарија, Турција и Албанија. Компанијата неодамна потпиша стратешки договор со американската компанија Џенерал Електрик за соработка во поддршката на термоенергетските единици во Европа и Северна Африка.