Македонски вина од Тиквеш и Домен Лепово на ЕУ самитот во Софија

189

Учесниците на претстојниот исклучително значаен Самит за европската перпектива на Западен Балкан што ќе се одржи во Софија, ќе имат можност да се уверат во уникатноста и високиот квалитет на дел од најпознатите македонски врвни вина.

Имено, винската листа на вечерата за добредојде, којашто ќе се одржи во предвечерието на Самитот што почнува в среда, 17-ти мај, во главниот град на Бугарија, ќе ја сочинуваат четири македонски врвни вина произведени во винарската визба Тиквеш и во бутик-винарницата Домен Лепово.

Од навистина широкото винско портфолио на Тиквеш и Домен Лепово, за оваа прилика, направен е избор на две бели вина: врвното тероар вино Барово и ексклузивното Шардоне од премиум брендот Домен Лепово и две црвени вина: Бела Вода и Домен Лепово Гранд Куве. За оваа специјална пригода, вината што ќе бидат послужени на Самитот имаат специјални, уникатни етикети.

“Ова е голема чест за Тиквеш, но истовремено и огромна можност за промоција и јакнење на имиџот и репутацијата на Македонија како земја во која се произведуваат вина со висок квалитет, кои можат да им парираат и на најпознатите светски вински брендови“,велат од Тиквеш.

Како специјален “зачин“ на вечерата ќе биде послужен и еден од најрепрезентативните примероци на надалеку познатата тиквешка жолта – специјалната лозова ракија VS на Тиквеш, којашто се прозведува на посебен начин и одлежуваподолго во специјални дабови буриња.