Еко проект на ОКТА во соработка со Факултетот за земјоделски науки и храна

106

Компанијата ОКТА и Факултетот за земјоделски науки и храна работат на иновативен еко проект за третман на нафтен талог, депониран како остаток при процесот на преработка на сурова нафта во изминатите 30 години. Станува збор за постапка на мешање на нафтениот талог со почва во која се одвива природниот процес на биоразградување и фиторемедијација, односно прочистување на еко системот со помош на растенија во затворени бетонски базени.

“Ова е прв експериментален проект од ваков тип во земјава и во регионот. Користиме природен начин на справување со нафтениот талог, со помош на микроорганизми и растенија, како биолошки третман, без употреба на хемикалии. Очекуваме дека успешната реализација на проектот ќе овозможи резултати што ќе бидат полезни и за други компании кои се соочуваат со слични проблеми. Наместо нафтен талог, сега имаме земјиште на кое се одгледуваат растителни култури. Веруваме дека со предлозите и исклучителната  стручност на нашите вработени, како и со препораките на професорите од Факултетот за земјоделски науки и храна, дојдовме до иновативен пристап во менаџирање со талозите. Отидовме и чекор понапред преку изнаоѓање ефективно решение за заштита на животната средина“, изјави Јанис Геруланос, Главен извршен директорна ОКТА.

Проектот се спроведуваше во неколку фази. Нафтениот талог и земјата беа измешани во два водонепропуснибетонски базени со трислојна хидрофобна заштита, со цел  почвата и подземните води да се заштитат од какво било влијание. При тоа се поставија две опитни парцели,секоја со површина од 200 метри квадратни, каде минатата есен беа засеани ‘рж, јачмен и пченица, а пролетва и пченка, маслодајна репка и сирак, култури кои беа препорачани како најсоодветни за да се изврши фиторемедијацијата.

Анализата на примероци од нафтениот талог покажа дека нема присуство на метали, што беше доказ дека талогот е погоден за спроведување на овој експеримент. Во наредниот период ќе се вршат лабораториски анализи за да се утврдат биолошките, морфолошките и производните карактеристики на засеаните култури.Откако резултатите ќе бидат интерпретирани се планира постапкатада се применина површина од дополнителни 600 метри квадратни односно во уште два базени во кругот на ОКТА.

“Треба да се гордееме со вакви проекти кои се насочени кон зачувување на животната околина со иновативен биотретман на индустриските талози. Овој проект на ОКТА претставува пример за одговорен и посветен односна компанијата кон околината и ја содржи формулата за тоа како треба да се пристапи кон решавање на постоечките проблеми. Проектот дава перспектива за иднината и за надминување на можните еколошки проблеми“, изјави Јани Макрадули, заменик министер за животна средина и просторно планирање.

Овој проект ОКТА госпроведува со свој стручен тим заедно со професорите од Факултетот за земјоделски науки и храна проф. д-р Татјана Миткова, проф. д-р Силвана Манасиевска Симиќ и доцент д-р Миле Маркоски. Во подготвителната фаза на проектот беа остварени контакти и средби со повеќе рафинерии во странство и со институции и експерти кои работата во оваа област.