Ангажирање на жени менаџерки на високи позиции за поуспешни компании

52

“Доколку се ангажираат жени – инженери на високи позиции во компаниите во Македонија, тогаш работата во секоја компанија ќе биде многу поуспешна“ е клучната порака од денешната Втора меѓународна конференција Жени во енергетика 2018, во организација на Асоцијацијата на здруженијата на инженери – Инженерската Институција на Македонија и ЕВН Македонија.

Професор Христина Спасевска, претседател на Инженерската институција на Македонија, вели дека иако многу студентки на техничките факултети имаат одлични резултати во текот на студирањето, сепак нивниот број значително се намалува при вработување во енергетските компаниии и при напредување во кариерата.

“Нашите истражувања покажуваат дека младите жени се запишуваат и студираат на техничките факултети со подобар успех од мажите. Но, по завршување на факултетот, се намалува бројот на интелектуалки што го продолжуваат своето школување и усовршување. Исто така, постои значителен одлив во однос на мажите и при заземање високи менаџерски позиции во енергетските компании. Иако состојбата во Македонија е значително подобра од онаа во западните развиени економии, што можеби се должи на системот што го имавме пред триесетина години, сепак преку најразлични иницијативи како што е оваа конференција, треба да го зголемуваме позитивниот тренд“, вели Спасевска.

На првиот ден на Конференцијата, дообјаснува професор Спасевска “говоревме за овие теми за да ги поттикнеме младите интелектуалки да продолжат со градење на својата кариера и по завршување на високото образование, да ги информираме и обучиме за најновите случувања во енергетиката и преку позитивни примери да ги мотивираме компаниите, сé повеќе да ги отвораат своите врати и менаџерски позиции за жените, затоа што доколку се ангажираат на високи работни места, тогаш работата на компанијата може да биде многу поуспешна“.

Родовата еднаквост е лична заложба за министерката за труд и социјала, Мила Царовска и програмска цел на Владата на Република Македонија.

“Решени сме да придонесеме за трајни промени и да изградиме општество кое ќе нуди еднакви можности за сите. За да се зајакне заедничкиот пристап кон родовите прашања, со одлука на Владата, ја формиравме Интересорската советодавно-консултативна група за еднакви можности на жените и мажите. Станува збор за важно тело коешто има обврска да се грижи за имплементација на родовите перспективи во креирање на политиките и буџетите. Преземавме значајни чекори во насока на искоренување на сиромаштијата кај жените. Со промена на Законот за минимална плата се изедначуваат платите и се намалува разликата во платите меѓу мажите и жените. Со овие промени ги опфативме работниците од текстилната индустрија, од кои 80% се жени“, рече Царовска на денешната конференција Жени во енергетика 2018.

Според Штефан Петер, претседател на Управниот одбор на ЕВН Македонија, чест е ЕВН по втор пат да биде домаќин на WIN – Women in Energy 2018 за да се промовира поголемо учество и вклучување на жените во енергетскиот сектор, како и подигање на свесноста за родов баланс.

“Да се направи настанот по втор пат е навистина значајно и важно. Тоа ја покажува волјата на организаторите да променат нешто и да бидат упорни. И ова ги обединува сите вклучени сегменти: креаторите на политиката, образовниот сектор и бизнис секторот. Ние сите знаеме дека без упорност нема да ги достигнеме нашите цели. Еднократните мерки без програми за следење, најверојатно, ќе ги намалат постигнатите ефекти. Затоа, посакувам учесниците да имаат два интересни дена, полни со плодни идеи за затворање на родовиот јаз во енергетскиот сектор“, вели претседателот на Управниот одбор на ЕВН Македонија, Штефан Петер.

Учесниците слушаа предавања од странски експерти, панел сесии, интерактивни дискусии и работилници. На конференцијата учествуваат експерти, претставници од универзитети, од бизнис заедницата, меѓународни и регионални организации, државни институции и професионални организации од 12 земји членки на Централно Европската Иницијатива, коишто работат во енергетскиот сектор.

Конференцијата е проектна активност на Централно Европската Иницијативаи е поддржана од компаниите АД ЕЛЕМ и АД МЕПСО.