ХЕС Црн Дрим годинава ќе оствари рекордно производство на струја

23

Хидроенергетскиот слив (ХЕС) Црн Дрим, што го сочинуваат хидролектраните Шпиље и Глобочица веќе го реализираше годишниот план за производство на електрична енергија, се вели во соопштението од АД ЕЛЕМ.

За пет месеци, двете електрани произвеле вкупно 364 милиони киловат часови електрична енергија, што значи комплетно исполнување на предвиденото за годинава. Ова е како резултат на исклучително поволната хидрологија, периодов, но и на подготвеноста на електромашинската опрема во ХЕС Црн Дрим.

Во ХЕ Шпиље произведени се 230 милиони киловат часови електрична енергија, што е речиси двапати поголемо производство во однос на планираното за овој период од годината, а 3,5 пати поголемо во однос на истиот период од минатата година.

Во ХЕ Глобочица годинава е произведено трипати повеќе електрична енергија во однос на истиот период лани, односно 134 милиони киловати часови. Инаку ова производство е и двапати повеќе во однос на планираното за овој период.

Од АД ЕЛЕМ исто така информираат дека обете хидроелектрани технички се во солидна кондиција, а во акумулациите има одлична резерва на вода за производство. Па така, годинава се очекува ХЕС Црн Дрим да оствари рекордно производство на електрична енергија.

Фото: АД ЕЛЕМ