Фото: Pixabay
Утре на сточарска фарма во селото Могила, Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем, во соработка со компаниите Здравје Радово, Екошар, Сано и Маранчо ќе започне иницијатива за модернизација на млекопроизводството во Пелагонија преку коинвестиции во модерна опрема и обуки за добри сточарски практики што ќе ја зголемат продуктивноста и приходите на вклучените фарми.
Новата технологија и знаење ќе им помогнат на сточарите од регионот да станат поконкурентни, овозможувајќи им раст на бизнисот, зголемување на приходите и работните места.
Преку оваа иницијатива, Здравје Радово набави 30 лактофризери за нивните кооперанти, со коинвестиција од Проектот за обуки и техничка помош во млекопроизводството. Истовремено, Проектот и компаниите Сано, Екошар и Маранчо заедно набавија роло-балирачка, TMR миксер за сточна храна и бокс за кастрење копита на крави. Дел од оваа опрема ќе биде достапна за околу 50 краварски фарми од Пелагонија.
Дополнително, фармерите вклучени во иницијативата ќе добијат обуки за хигиена на фармите, здравје на добитокот, генетика на сточниот фонд и други тематики поврзани со зголемување на продуктивноста во сточарството. Крајниот резултат од новите парчиња опрема и од обуките ќе биде зголемување на приносите и квалитетот на млекото произведено во Пелагонија, што ќе овозможи отворање на нови работни места и зголемување на приходите во секторот.
На настанот ќе присуствуваат директорот на УСАИД во Македонија, Дејвид Атебери; директорката на Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем, Мирјана Македонска; градоначалничката на Оштина Могила, Јасмина Гулевска: градоначалникот на Оштина Новаци, Љубе Кузмановски; директорката на сектор за контрола на квалитет и развој на Здравје Радово, Радмила Чобанова Василевска; менаџерот за продажба на Сано, Александар Христовски; претставници од локалната организација Агро Лидер; како и поголем број на млекопроизводители од регионот.