Со инвестиции од три милиони евра во Раде Кончар – Сервис и Раде Кончар ТЕП до забрзан развој

114

Фото: Koncar.com.mk

Со инвестиција од три милиони евра, членовите на менаџерскиот тим, на чело со бизнисменот Аце Антевски, станаа 100% сопственици на две друштва на Раде Кончар, стои во соопштението.

Тие најавуваат враќање на дел на капиталот кај акционерите со исплата на дивиденда.

“Одлуката за вложување на три милиони евра во сопственичката структура на Раде Кончар – Сервис и поправки на електрични производи и Раде Кончар – ТЕП ја донесовме со верба за натамошно успешно работење на двете друштва на македонскиот и на странските пазари и развој на вкупната македонска економија. Новата деловна политика е извозно ориентирана кон освојување на нови пазари, со нови производи, нови партнери, што ќе значат отворање на нови работни места во стратешкиот сектор, електро и металната индустрија. Токму сега созреа потребата од окрупнување на сопственичкиот капитал, што ќе донесе нови развојни предизвици“, стои во соопштението на менаџерскиот тим на Раде Кончар – Сервис и поправки на електрични производи и Раде Кончар – ТЕП, во годината во којашто Раде Кончар одбележува значаен јубилеј – 70 години од своето постоење. Менаџерскиот тим на почетокот од месецов, со докупување 33% од акционерскиот капитал и вложување на три милиони евра, стана сопственик на 100% од капиталот на овие две друштва и се очекува исплата на дивиденда.

Раде Кончар е познат бренд во регионот, којшто опстојува долги години на пазарот и има значаен удел во развојот на вкупната македонска економија. Следење на светските трендови и инвестициите во нови софистицирани технологии целосно посветени на безбедноста и квалитетот на производите, овозможуваат долгогодишна успешна работа што ја потврдуваат лидерската позиција на компанијата во електро и металната индустрија. Новите времиња носат нови предизвици, а храбрите чекори на менаџерскиот тим на двете друштва Раде Кончар – Сервис и поправки на електрични производи и Раде Кончар – ТЕП ќе отворат нови можности за враќање на компанијата на светската сцена.