Продадовте или купивте недвижен имот?
Подаривте или добивте на подарок недвижен имот?
Наследивте или судски (или со одлука на друг орган) остваривте право на недвижен имот?
Кои се Вашите права и обврски по склучување на правно дело (договор) за купопродажба, за подарок, за размена, за отстапување на имот за време на живот, по завршување на постапка за законско или тестаментално наследување на недвижен имот, по правосилно завршување на судска постапка или одлука на друг орган за право на сопственост на недвижен имот ?
Вие имате право и обврска да се пријавите за данок на имот.
Што е данок на имот и како се утврдува?
Данокот на имот е годишен данок кој се плаќа на недвижен имот.
Данокот на имот се утврдува врз основа на пазарната вредност на недвижниот имот кој ја врши Комисија за утврдување на пазарната вредност на недвижниот имот, според Методологија за утврдување на пазарна вредност на недвижен имоти пропорционална даночна стапка која ја определува Советот на конкретната општината каде се наоѓа недвижниот имот.
Кој има обврска да се пријави за данок на имот и каде?
Секое правно или физичко лице кое стекнува недвижен имот на законски утврден начин (купопродажба, размена, подарок, наследување и судска одлука) има должност веднаш или најдоцна до 31 јануари во годината за која се врши утврдување на данокот да ГО ПРИЈАВИ недвижниот имот на начин што ќе поднесе даночна пријава во конкретната општина.
По еднаш поднесена даночна пријава Вие немате обврска за истиот имот да поднесете нова пријава, доколку нема промени на податоците содржани во претходно поднесената даночна пријава (се мисли на адресни податоци).
Каде се поднесува пријава и Кои документи се потребни за да се пријави недвижен имот?
Пријава (образец кој се подига од надлежна општина)се поднесува лично или преку полномошник до општината и Градот Скопје каде што се наоѓа недвижниот имот.
Кон пријавата се приложува претходно заверен доказ за сопственост, имотен лист, платена такса, (увид во) документ за идентификација на носителот на правото на сопственост и друга дополнителна документација (по потреба) во зависност од секој конкретен предмет.
Која е понатамошна постапка и должности на надлежната општина?
Градоначалникот на општината, градоначалникот на општините во градот Скопје и градоначалникот на градот Скопје по поднесена пријава на недвижен имот е должен да донесе решение за висината на данокот на имот најдоцна до 31 март во годината за која се утврдува данокот на имот и да достави решението на даночниот обврзник за утврдениот данок.
Кој има обврска да се одјави од данок на имот и каде?
Секое правно или физичко лице кое со називот или своето име гласело како титулар на правото на сопственост на определен недвижен имот, ВЕДНАШ по располагањето на законски утврден начин (купопродажба, размена, подарок, наследување и судска одлука) има ОБВРСКА ДА ГО ОДЈАВИ недвижниот имот на начин што ќе поднесе даночна пријава ЗА ОДЈАВА во конкретната општина каде се наоѓа недвижниот имот.
Вие, по поднесена даночна пријава за ОДЈАВА, нема повеќе да добивате решение за данок на имот со задолжување од конкретната општина.
Кои документи се потребни за да се одјави недвижен имот?
Пријава (образец кој се подига од наделжната општина) за одјава се поднесува лично или преку полномошник до општината и Градот Скопје каде што се наоѓа недвижниот имот.
Кон даночната пријавата за одјава се приложува претходно заверен доказ за пренос на сопственост, платена такса, (увид во) документ за идентификација на досегашен обврзник на данок на имот и друга дополнителна документација (по потреба) во зависност од секој конкретен предмет.
Зошто е потребно да се пријави односно одјави недвижниот имот?
Пријавата и одјавата на недвижниот имот е даночна обврска на секое правно и физичко лице.
Пријавата на недвижниот имот е потребна со цел уредно да се плаќаат обврските, да се избегнат евентуалните блокади на сметки, и акумулирана сума на данок на имот во случај на располагање (продавање, подарување и сл.) со имотот за кој сте обврзани за плаќање на данок.
Одјавата на недвижниот имот е потребна за да Ви престанат обврските како Даночен Обврзник за определен недвижен имот во конкретната Општина, да не Ви вршат повеќе задолжувања за данок односно евентуално да се избегне акумулирана сума на данок иако друго лице е сопственик на предметниот недвижен имот.